1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе е оптимист за спорот за името

30 март 2010

Комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе се надева дека до крајот на шпанското претседателство со Унијата, до јуни годинава ќе се изнајде решение за спорот за името меѓу Скопје и Атина.

https://p.dw.com/p/MhV0
Штефан ФилеФотографија: AP

„Ние се надеваме дека ќе бидеме во можност да ги започнеме пристапните преговори со Поранешната Југословенска Република Македонија. Земјата направи фантастичен прогрес минатата година и поради тоа Комисијата му препорача на Европскиот совет на крајот на 2009-та година да ги започне пристапните преговори. Се надевам дека преостанатото време до крајот на шпанското претседателство ќе биде искористено и од македонската и од грчката влада за да се најде решение за прашањето за името, што тогаш ќе дозволи земјите членки да дадат зелено светло“, изјави комесарот Филе во интервјуто за Дојче веле.

Фуере-важен состанок

Евроамбасадорот во Скопје, Ерван Фуере синоќа (29.03.2010) изјави дека го дели позитивниот став со еврокомесарот за проширување Филе за изнаоѓање решение за името за време на шпанското претседателството со Европската унија, бидејќи како што рече, минатата недела имале важен состанок во Брисел.

Ervan Fuere
Ерван ФуереФотографија: DW

„Премиерот Никола Груевски се сретна повторно со колегата од Грција, со што се демонстрираше желбата за градење односи на доверба меѓу двете страни. Процесот под медијаторство на Метју Нимиц е основната рамка за наоѓање решение. Комесарот Филе на неколку наврати даваше охрабрување и тој е подготвен да стори се‘ што е во негова можност за да помогне во процесот“, рече Фуере. Во врска со информацијата дека Нимиц ќе оди во Брисел на средби со еврокомесарот и со претседателот на Унијата, Фуере рече дека има постојан, неформален контакт меѓу Унијата и медијаторот.

„Советот на ЕУ јасно се изјасни дека ќе се наврати на прашањето за името за време на шпанското претседавање - тоа значи јуни. Важно е во април да се направи прогрес за да се овозможи да се донесе позитивна одлука во јуни“, изјави Фуере.

Евроамбасадорот вчера ги осуди антимакедонските и антиалбанските скандирања на грчката војска за време на прославата на Денот на независноста на Грција, изразувајќи надеж дека ваков чин се случува последен пат.

Автор: БГ/АТ/дв/миа

Редактор: Жана Ацеска