1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе го опипува пулсот на Скопје

17 февруари 2010

Во пресрет на првата посета на Хрватска и Македонија, ЕУ комесарот за проширување Штефан Филе се сретна со македонски и странски дописници да го опипа пулсот на јавноста кај државите кандидатки од Западниот Балкан.

https://p.dw.com/p/M3hx
Штафан ФилеФотографија: AP

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе многу малку откри од пораките што ќе им ги пренесе на македонските власти, особено околу прашањето за името. Новиот еврокомесар стои на истата линија како и неговиот претходник Оли Рен – Европската комисија препорача старт на преговори со Унијата, но за нивното формално отворање обратете се кај земјите членки. Филе се надева дека датум за преговори ќе се одреди до јули.

„Што се однесува до Поранешната југословенска република Македонија, се надевам дека по препораката, преговорите за членство ќе започнат со оваа земја, за која 2009-та беше многу добра година, за реформите и дека ќе бидеме в можност да започнеме преговори под шпанско претседателство.“

Европската комисија смета дека го заврши својот дел од работата со препораката. Топката е сега во Советот на ЕУ, каде се разбира членува Грција и каде таа има право да и каже „не“ на Македонија се’ додека не се реши спорот за името.

Symbolbild EU Fortschrittsbericht Türkei Kroatien Mazedonien
Фотографија: AP Graphics/DW

Се’ почести се шпекулациите за можно отворање на претпристапните преговори со Унијата без да се реши проблемот, доколку за такво нешто се договорат премиерите на Македонија и Грција, Никола Груевски и Јоргос Папандреу. Тоа би значело одредување на условен датум за почеток на преговорите, но не би значело крај на европските маки за Македонија, бидејќи на тој начин Грција и понатаму би се нашла во можност да го блокира секое отворање и затворање на поглавјата, одолговлекувајќи ги преговорите.

Со новиот мандат, Европската комисија е исто така одлучена да работи на информирање на европската јавност за придобивките од проширувањето. По долгиот период на замор од проширувањето, по отфрлањето на Уставот за ЕУ од страна на Франција и Холандија, Европската унија повторно треба да се соочи со сопствената јавност. Во овој контекст, ЕУ ќе мора да инсистира земјите кандидати ригорозно да ги исполнуваат критериумите за влез во Унијата.

„Исполнување на бенчмарковите, но и осигурување дека има добра имплементација на разните закони кои ги доведуваат земјите поблиску до ЕУ. Јас ставив на знаење за време на моето сослушување дека никој не треба да се сомнева во нашата заложба, но и дека не постојат покуси патишта и нема заобиколување на обврските за членство.“

Штефан Филе уште при неговото прво обраќање како кандидат за комесар пред Европскиот парламент јасно порача дека лидерите на 27-те земји членки ќе мораат да соберат храброст да и објаснат на европската јавност дека процесот на проширување на Унијата е позитивен за заедницата како и за граѓаните.

Stefan Füle
ЕУ комесарот за проширување ФилеФотографија: picture alliance / dpa

Штефан Филе утре (18.02.10) заминува во Загреб, а потоа ќе го посети и Скопје, каде ќе се сретне со државниот врв. Комесарот очекува да слушне која е стратегија за надминување на разликите во спорот со името, но и да провери како напредува процесот на приближување кон европските стандарди. Во својот воведен збор денеска, еврокомесарот за проширување стави посебен акцент врз антидискирминацијата и почитувањето на малцинските групи како во Македонија така и во Хрватска.

„Критериумите се многу важни и не можат да бидат предмет на преговори, единствениот начин да се прибилижите кон ЕУ е да ги исполните. Истакнав дека треба строго да се почитуваат фундаменталните права, човековите права, правата на малцинствата и антидкириминацијата. Исто така реков дека процесот треба да биде кредибилен, кредибилитетот треба да биде водечки принцип од двете страни. Од страна на ЕУ, но исто така од страна на земјите кандидати.“

Дипломатите во ЕУ сметаат дека Македонија треба да постигне решение за спорот со Грција во текот на март.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска