1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Феминистките во исламот се важен фактор за интеграција на странците во Германија

Горан Чутаноски20 јуни 2008

Во организација на германската фондација Фридрих Еберт во Келн се одржа тридневен конгрес на феминстичкото движење во исламот. Еве како тие гледаат на рамноправноста на половите и како го толкуваат коранот.

https://p.dw.com/p/ENWY
Имаат ли сила да го реформираат исламот? Учесничка на Конференцијата за феминистичко толкување на исламот во Келн.Фотографија: Nelly Ezzat


Кон средината на неделава германскиот Претседател Хорст Келер го одржа третиот т.н. „Берлински говор“. Тоа е традиционално обраќање до нацијата, што Келер, како и неговите претходници, го користи за да укаже на главните проблеми и трендови во општеството и дури да посочи на можните решенија. Овој пат три главни теми се најдоа во неговото обраќање: работните места, образованието и интеграцијата на странците. Келер побара Германија да се угледа на САД и другите Западни земји кои отворено водат политика на доселување и на тој начин преку пробрани кадри си ги зголемуваат шансите во ерата на глобализацијата. „Мораме да им кажеме на странците дека ние во Германија сме силен тим, дека им нудиме атрактивни услови за работа и живот кај нас и дека се радуваме ако се решат да играат во нашиот тим“ – порача Претседателот Келер.


Меѓутоа, Германија нема толку проблеми со интегрирање на високо образованите кадри од странство, туку повеќе со оние доселеници кои имаат пониско образовно ниво и кои поради традицијата од која потекнуваат имаат тенеденција да се затвораат во своевидни енклави на сонародници. Ова се однесува и на муслиманскиот дел од странците во земјата, каде се судираат конзервативните струи, кои го форсираат патријархалниот начин на живот, со прогресивните реформаторски струи. На овие вторите им припаѓа и движењето на жените муслиманки, кои се борат против потчинувањето и нерамноправниот статус во однос на мажите. Тие се голема надеж за успех на процесот на интеграција на муслиманите во Германија, како и во целата ЕУ.


Неодамна во организација на германската фондација Фридрих Еберт во Келн се одржа тридневен конгрес на феминстичкото движење во исламот. Петер Колаковски беше таму и го испрати следното видување.


Машки и женски Коран


Феминистичките интерпретации на исламот се се` уште нови и дури во последниве години станаа попознати. Причината за ова, како што беше изнесено на конгресот на фондацијата Фридрих Еберт, само делумно се наоѓа во патријархалното, машко толкување на Коранот. Професорката Ирсхад Манџи, од Европската демократска фондација во Брисел, вели:


„Се сеќавам дека кога имав осум години се запрашав – дали е тоа точно? Дали жените се навистина помалку вредни? Ова ми дојде на ум, не затоа што уште како дете сум била феминистка, туку затоа што ја гледав мајка ми како не’ израсна нас, трите ќерки. Грижливо и добро облечени, и сето тоа со плата на чистачка.“


Уште една причина зошто исламот претежно се смета за религија ориентирана кон машкиот идеал е начинот на кој известуваат медиумите. Било да станува збор за печат, радио, телевизија или интернет: новинарите секогаш го упатуваат погледот кон една група во исламот – групата на традиционалистите, кои сакаат се` да остане по старо, иако верниците живеат во сосема поинакво секојдневие. Исто така, во многу муслимански земји политичките одлуки ги носат мажите и тие воопшто не покажуваат интерес тоа да се промени.


Расте отпорот против машкиот поглед на исламот


А отпорот против сликата што мажите ја створија, дека жените се помалку вредни во однос на нив, се` повеќе се зајакнува. Еманципацијата на жената во исламот дури и не влече корени од Западните земји, иако од таму добива суштински импулси. Во соработка со другите религии, жените муслиманки ги ставаат под прашање догмите на сопствената религија. Зошто на пример муслиманските жени не смеат да патуваат сами, како што стои во Коранот? Ова е едно од многуте правила што често се заобиколуваат, резимира Занаб Ал-Суваји, генералната секретарка на американскиот исламски конгрес.


„Жените во исламските земји напорно работат, не само на полето на рамноправноста, туку и на тоа да добијат заслуги за се` што направиле за општеството. За жал, ова се` уште не е случај!“


Господ не ги направил мажите повредни


Притоа, заедничко за исламските жени теолози со еманципациски стремежи е дека не ја сметаат како дадена од Бога супериорноста на мажите, која историски секогаш доаѓала на преден план при толкувањето на Коранот. Жените сфатиле, или почнуваат да сфаќаат, дека според Коранот и тие имаат иста вредност како и мажите. Нема причина зошто Бог би ја подредил жената во однос на мажот. Потребно е што повеќе жените да почнат да си ги враќаат одземените права. Права што Коранот им ги гарантира на жените, но чие применување е помало од пожелното. Само вака ќе се подобри интеграцијата на муслиманите во западните земји, меѓу кои и во Германија.



Феминистичко толкување на исламот


За него се борат жени теолози како на пример Халима Краузен од Хамбург. Со неа и со нејзините истомисленички поразговара Тило Гушас и го подготви следниот прилог.


За Халима Краузен поимот „феминистичка теологија во исламот“ не е некаква апстракција, туку секојдневна реалност. Таа е имено женски имам во џамијата Имам Али во Хамбург. Во нејзиното советувалиште доаѓаат и муслимански брачни партнери на разговор за разни проблеми.


„Еден од примерите со кои често имам работа е постапката за развод на бракот по барање на жената. Во повеќето муслимански земји тоа е речиси неизводливо...“


Халима Краузен е уверена дека таквата појава не е спротивна на словото на коранот, па цитира од светата книга на муслаиманите:


„Ако се плашите дека не можете да се придржувате до забраните Божји, тогаш за обајцата не треба да биде никаков прекршок она што дава компензација. Тоа се Божји забрани, значи не ги пречекорувајте – завршен цитат. Оваа втора реченица дека таа нешто дава за компензација, тоа е кога жената сака да издејствува развод.“


Толкувањето на коранот дека само мажот може да побара развод под одредени услови Халима Краузен го смета за погрешно и пред се’ за патријархално. И ова не е единственото погрешно толкување, има и други кои се дури уште посериозни, па и поопасни за животот и здравјето на жената.


Коранот вели дека можам да те тепам“


Културологот Индре Монјези Браун го наведува наводното право на мажот да ја тепа жената:


„Секоја жена која не знае ништо за теологијата не може да се одбрани од тврдењето на мажот дека во коранот стои оти тој смее да ја тепа. Но, ако таа може да каже, а не, мене ми е познато тоа место во коранот и тоа треба да се толкува поинаку, јас добро знам што проповеда мојата света книга, тогаш жената може и да му се спротистави на сопругот со аргументи“ – смета Индре Монјези Браун.


Таа додава дека муслиманските жени мора да го толкуваат коранот на понаков начин, ако сакаат да сторат нешто за својата еманципација:


„Ми паѓа на памет пример од Ахмед Тубрак, кој ја истражувал темата принуден брак и тоа од аспект на мажите. Тој ги прашувал мажите, па добро со што го образложувате тоа право? Тие му велеле, па тоа стои така запишано во коранот. А кога ги прашал, па ајде покажете ми го тоа место, каде го пишува тоа, тогаш тие не знаеле да му кажат поточно.“


Стапот сепак не излегол од рајот


За поинакво, полиберално толкување на коранот се залага и „Центарот за исламско истражување и поддршка на жените“ со седиште во Келн. Тој веќе се погрижи за нов превод на германски на делот посветен на жените. Сурата што го носи насловот „Жените“ често се толкува токму како основа за правото на мажите да ги тепаат. Но, арапскиот глагол „дараба“ има повеќе значења, не само удира, туку и одвраќа или се повлекува.


„Ако се погледа контекстот во коранот, тогаш тоа место значи: ако има некакви недоразбирања и конфликти, тогаш прво разговарајте еден со друг, а потоа одвојте се на некое време. За нас е сосема нелогично кога тоа место се толкува како: ако не се сложувате тогаш удри ја. Како може впрочем тепање да спаси нечиј брак?!?“ – вели Рабеја Милер од Центарот во Келн.



Феминистичка мрежа низ целиот свет


Муслиманки феминистки има во повеќе земји и тие последниве години се обидуваат да воспостават мрежа на контакти и взаемна поддршка. Но, тоа не е лесно, бидејќи покрај општиот заеднички именител, проблемите на муслиманската жена се и различни од земја до земја.


„Пакистанските жени мораат многу да се борат против клановски структури, кои дури немаат врска со религијата. Во Германија за разлика од тоа воопшто не е проблем да се биде жена муслиманка. Проблемите се раѓаат дури ако таа сака да носи шамија. Дебатата околу носењето шамија во Германија е голем проблем. А во африканските земји жените имаат проблеми со традиционалното сакатење на нивните полови органи под изговор дека така ќе биле поверни на мажот. Значи, проблемите се многу специфични!“ – појаснува културологот Индре Монјези Браун.


Без оглед на разликите од земја до земја, ангажманот на феминистките муслиманки дава надеж за подобрување на состојбата со човековите права, како и за поуспешна интеграција на муслиманите во модерните Западни општества. Ваква струја во исламот е добродојдена и како противтежа на конзервативните струи, кои потенцијално го отвораат патот за издвојување од општествениот живот и со тоа за религиозен фанатизам и радикализација.