1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште колку нафта има?

26 мај 2008

Без нафта индустријализацијата и растежот во светот не ќе постоеја. Нафтата донесува благосостојба, но со намалувањето на резервите расте и стравот дека таа ќе исчезне. Всушност, до кога ќе го има црното злато?

https://p.dw.com/p/Dz2A
Бушалки има доволно, но колку нафта има под нив?Фотографија: picture-alliance / dpa

Жедта на човештвото по нафта е неизгаслива. Во 1864 година се случи првиот нафтен бум. Во овој релативно кус период оттогаш, се испумпани скоро 40 проценти од вкупните резерви. Експертите велат дека за 40 години, изворите ќе престанат да жуборат. Оваа прогноза додуша би важела до колку остане непромената побарувачката. Ако жедта расте како досега, тогаш по 30 години ќе се случи крајот. Незгодата кај оваа прогноза е во следново: пред 30 години беше предвиден крај на нафтата за 30 години. А, нафта се уште има, околу 240 гигатони од кои една третина е на Блискиот исток: „Одделни држави не ги соопштуваат нафтените резерви. Токму на Блискиот исток е тешко да се откријат, зашто на меѓународните посматрачи не им е дозволено да дојдат до конкретни информации за резервите„, вели Дора Борбели, експерт за суровини од Дека банката.

Така, барел нафта што се добива од нафтениот песок во Канада чини од 50 до 60 долари. При цена од 30 долари, таму не им се обрнуваше внимание на тие резреви. Сега работата се исплатува, а проценетите резерви растат. Не е никакво чудо што потрагата по нафта станува се поавантуристичка. Научниците проценуваат на Антарктик големи резерви, подеднакво како и под Северниот пол. Русија на напоредникот под морето постави свое знаме сигнализирајќи со тој чекор дека започна битката за поделба на последните резерви. Фирмата „Актива Рисорсис„ неодамна објави дека ги затвора нафтените полиња во Баварија. Постапката звучи чудно, проценува Дора Борбели: „Во основа е поволно да се црпи нафта на полиња што се големи. Затоа, не можат да се очекуваат големи предности ако се трага по нафта во Баварија. Меѓутоа, откако нафтата ја нема доволно, а ќе ја има се помалку, секако е предизвик да се трага насекаде по нафта„.

Во меѓувреме, сепак се откриваат и поголеми нафтени полиња, како неодамна пред брегот на Бразил. Се проценува дека полето Тупи на југот има 8 милијарди барели нафта. Најголемото откритие во последните 30 години беше полето во подрачјето Кариока. Се проценува на 33 милијарди барели: „Новото поле откриено во Бразил е соодветно на 2,5 проценти од сегашните светски резерви. Не може да се исклучи дека и во иднина ќе откриваме такви полиња, но проблемот е во тоа што трошоците за црпење се превисоки. Ова поле се наоѓа на 5 километри под вода, под дебел слој сол. Со сегашната техника не може да се предвиди кога и по која цена ќе биде црпена таа нафта„.

Високите трошоци за црпење покажуваат едно: црното злато никогаш веќе нема да биде поефтино. Зашто, покрај трошоците за црпење, доаѓаат и трошоците за транспорт и лагерување. Меѓутоа, најдоцна во моментот кога црпењето нафта ќе голта повеќе енергија отколку што може да се произведе со нафта, нејзиното време ќе биде минато.