1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квотите повторно тема во ЕУ

Б. Георгиевски/ртр/афп22 септември 2015

Во пресрет на состанокот на министрите за внатрешни работи во Брисел повторно изби кавга околу квотите за прераспределба на 120 илјади бегалци. Во меѓувреме, Унгарија ја испрати армијата да се справува со бегалците

https://p.dw.com/p/1GaFZ
Фотографија: Getty Images/J. Mitchell

По минатонеделните неуспешни разговори, министрите за внатрешни работи на ЕУ се надеваат дека денеска ќе постигнат договор за бегалската криза.
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер во понеделникот изјави дека Европа мора да договори „дарежлива квота“ за Унијата да може „да ги исполни своите хуманитарни обврски“.
Унгарија, Словачка, Романија, Полска и Чешка го одбиваат планот за распределување на бегалците низ ЕУ.

Будимпешта ја распоредува армијата

Унгарија до минатата недела беше главната влезна точка во ЕУ за бегалците од Блискиот Исток и Африка. Откако минатата недела ја затвори границата кон Србија, соседната Хрватска се најде на удар на бран од околу 30 илјади бегалци, од кои најголемиот дел се обидуваа да преминат кон Словенија, а оттаму понатаму кон Австрија и Германија.
Унгарија беше критикувана во меѓународната јавноста поради односот кон бегалците. Но во понеделникот, Будимпешта им даде дополнителни овластувања на полицијата и армијата со цел да го спречат влезот на бегалците. Дозволена е употреба на огнено оружје, гумени куршуми, пиротехника, солзавец и електрични пиштоли, согласно новата легислатива. Полицијата исто така добива право да претресува приватни домови во потрага по илегални мигранти. Популистичкиот премиер Виктор Орбан предупреди дека Европа е „прегазена“ од најлошата бегалска криза од Втората светска војна наваму.
Кусо по изјавата на Орбан во понеделникот, ОН ја повикаа Европа да покаже „лидерство и сочуство“ кон бегалците. „Генералниот секретар е многу загрижен поради влошената состојба во која се наоѓаат бегалците и мигрантите кои пристигнуваат во Европа“, соопштија ОН. Генералниот секретар Бан Ки Мун исто така изрази загриженост поради затворањето на границите за бегалците и недостатокот на адекватни објекти, како и растечкиот број на апсења на бегалците.

Ungarn, Grenze zu Kroatien
Унгарски војник на границата кон ХрватскаФотографија: Reuters/B. Szabo

По денешниот состанок на министрите за внатрешни работи, шефовите на влади на ЕУ утре ќе одржат вонреден самит. За 7 октомври пред парламентот во Стразбур е најавено заедничко обраќање на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд во кое ќе предупредат на опасностите со кои се соочува ЕУ.
Тоа ќе биде прво заедничко обраќање од тој вид од 1989 година, кога Хелмут Кол и Франсоа Митеран говореа по повод падот на Берлинскиот ѕид.