1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Уште еден ден без среќа“

22 мај 2011

Една од главните теми во предизборната кампања во Шпанија беше огромната невработеност. Дури 45 проценти од младите лица се невработени. Томас Муњоз е еден од нив и ова е неговата приказна.

https://p.dw.com/p/11HX9
Редицата во Бирото за вработување нема крајФотографија: DW

Шпанците мораат да штедат. Тоа го забележуваат и трговците на мало - кризата ја намалува потрошувачката. За една стоковна куќа во Мадрид тоа беше повод да го отпушти продавачот Томас Муњоз.

„Кога истече договорот, беше речено дека продажбата оди слабо и дека мора да се редуцира бројот на вработени. Но, наредниот ден со работа почна една нова колешка. Тие сакаат луѓе со договори на одредено време, затоа што тие имаат помалку права и немаат годишен одмор.“

25-годишниот Муњоз живее со тројца други во заеднички стан. Месечно добива 410 евра помош за невработени. Секој ден ги следи огласите за работа, но тоа наликува на потрага по загубено богатство:

„Ќе конкурираш, а потоа од нив нема ни трага, ниту глас - ни мејлови, ниту телефонски повици, ништо! Како процесот на избор да се распрснал во воздух, или барем за мене се недопирливи.“

Flash-Galerie Spanien Madrid Protestcamp
Младите во Шпанија протестираат веќе една седмицаФотографија: picture-alliance/dpa

Времето истекува

Томас уште само три месеци има право на помош за невработени. Сега би можел да си ги заврши студиите, но дури и кога ќе заврши, кога ќе стане новинар, нема некои подобри шанси. Затоа секојдневно оди во Бирото за вработување и ги чита огласите. Тој сака по секоја цена повторно да најде работа:

„Уште еден ден без среќа. Понудата на огласната табла не одговара на она што го барам. Бараат детски негувателки, домашни помошнички и други работи за кои не сум обучен. Има голем број невработени, а малку слободни работни места. Изгледите се многу лоши.“

Со оглед на безизлезната ситуација во која се наоѓаат речиси пет милиони невработени во Шпанија, во земјата се роди протестно движење. Се нарекува „Младина без иднина“.

„Несигурноста станува секојдневие за се‘ поголем број Шпанци. Само прашање на време е кога ќе исчезне благосостојбата.“

Притоа, на младите Шпанци и не им е толку до благосостојба, туку сакаат само шанса да се вработат. Затоа голем дел од нив бара сосема нов општествен и економски модел. Или пак, се откажуваат:

„Изгледите се очајни и ако ситуацијата не се промени набргу ќе се иселам, се разбира.“

Томас Муњоз не е единствениот што така размислува. Многумина млади Шпанци сакаат да ја напуштат татковината и да најдат работа на друго место.

Автор: Елке Мајвалд / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев