1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставниот суд го одби барањето за забрана на НПД

М.Фирстенау /агенции
17 јануари 2017

Уставниот суд на Германија денеска го одби барањето на Бундесратот за забрана на десноекстремната Националдемократска партија на Германија (НПД).

https://p.dw.com/p/2VuGA
Deutschland Karlsruhe Entscheidung des Bundesverfassungsgerichts zu NPD-Verbot
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Во барањето за забрана на Националдемократската партија на Германија што го поднесе Бундесратот во 2013 година стоеше дека НПД треба да се забрани поради тоа што е ориентирана кон „отстранување на слободарскиот, основен поредок во целина“. Претседателот на Уставниот суд, Андреас Фоскуле, денеска образложи дека барањето е одбиено поради малото значење кое го има НПД. Партијата има противуставни цели, но нема „конкретни појдовни основи кои имаат тежнина за да се верува дека е можно дејствувањето на партијата да има успех“.

Творците на германскиот Устав во членот 21 прилично високо ја имаат поставено пречката за забрана на некоја партија. Според Уставот, за „противуставна“ се смета партија која има за цел да го „ограничи или елиминира слободарскиот, демократски, основен поредок или да го загрози постоењето на Сојузна Република Германија“.

Ова беше втор обид за забрана на Националдемократската партија. Првиот обид пред десет години исто така не успеа, поради тоа што судиите имаа сериозни сомневања во доверливоста на доказниот материјал. Имено, тој во поголем дел потекнуваше од доушници на Службата за заштита на уставниот поредок кои веќе биле во водечки структури на НПД. Затоа Уставниот суд тогаш воопшто не се занимаваше со прашањето дали оваа десноекстремна партија е насочена против уставниот поредок во земјата.

Deutschland Karlsruhe Entscheidung des Bundesverfassungsgerichts zu NPD-Verbot
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

За забрана на НПД во вториот обид се залагаше само Бундесратот. Бундестагот и Владата, кои заедно стоеја зад првото барање за забрана, не можеа да се договорат околу поддршка на барањето. Преголеми беа сомнежите дека барањето на крајот ќе биде успешно.

НПД е основана во 1964 година. Во септември минатата година, на покраинските избори во Мекленбург Предна Померанија, таа испадна и од последниот покраински парламент каде што имаше пратеници. Со тоа и буџетот на партијата уште повеќе се намали. Партиите, имено, добиваат извесен паричен износ за покривање на трошоците на предизборната кампања. Помали приходи значат и помала способност на НПД и нејзините околу 5.000 членови да водат кампања. Партијата е маргинална и на локално ниво.