1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Условна смртна казна во кинескиот процес на векот

ЖА/дв/ ртре/дпа/афп20 август 2012

Во Кина е изречена казната во т.н. судски процес на векот. Сопругата на висок функционер на кинеската комунистичка партија доби условна смртна казна откако беше прогласена за виновна за убиство на британски бизнисмен.

https://p.dw.com/p/15smm
Фотографија: REUTERS

Во казната на 53-годишната Гу Каилаи и‘ е изречен и рок за помилување од две години. Доколку во овој рок не изврши кривични дела, казната веројатно ќе и‘ биде заменета со доживотен затвор. Нејзиниот соработник кој и‘ пружил помош во убиството беше осуден на девет години затвор. Двајцата во текот на процесот го признаа делото.

Конфликт поради економски интереси

Гу и Жанг беа обвинети дека го отруле Британецот Нил Хејвуд во ноември минатата година во хотел во градот Чонгџинг на југозападот на Кина, каде шеф на регионалната влада беше сопругот на Гу, Бо Силаи. Обвинителството тврдеше дека Гу и нејзиниот син, инаку студент на универзитетот Харвард, имале конфликт со Хејвуд околу економски интереси. Гу се обидела да заработи пари во странство со помош на Британецот, но откако планот не успеал, за да го заштити својот маж, односно за да ја спаси неговата кариера, таа го отрула Хејвуд.

Полицијата призна дека биле направени манипулации со доказниот материјал во убиството. Прво се тврдело дека Хејвуд починал поради труење со алкохол, а не била направена аутопсија. Но, по три месеци сомневањата станале гласни, а полицајците не биле подготвени да ја потпишат потврдата за смртта на Британецот поради труење со алкохол. Кратко потоа локалниот шеф на полицијата бил сменет без образложение.

Кој е кој?

Во меѓувреме, сопругот на Гу Каилаи, Бо Силаи, исчезна од јавноста. Бо Силаи е контроверзен популистички политичар, кој долго време беше сметан за водечки кандидат за висока функција на државно ниво, особено што токму годинава е планирана големата десетгодишна смена во врвот на кинеската држава. Но, по откривањето на скандалот со неговата сопруга, во март годинава беше суспендиран од Политбирото на Комунистичката партија.

За Британецот Хејвуд не се знае многу, освен дека бизнисменот долги години соработувал со семејството, и помогнал при запишувањето на нивниот син во елитно училиште во Англија.

Судењето се најде во центарот на вниманието на јавноста затоа што е редок пример на процес против толку високи државни и партиски функционери во затворениот кинески систем. Осудената Гу е ќерка на познат генерал од кинеската револуција, а притоа има изградено и успешна кариера како адвокат.