Унгарија со Орбан ита кон банкрот
5 јануари 2012Пазарите реагираат со голема несигурност во однос на унгарската официјална политика кон кризата. Државната валута- форинтата, драматично ја губи вредноста. Пред четири години Унгарија мораше да земе кредит од 20 милијарди долари од Меѓународниот монетарен фонд за да спречи банкрот.
Отплатата на тој кредит годинава, поради високите камати, би можело дополнително да ја обремени Унгарија, особено доколку владата не успее брзо да ја врати довербата на берзите. Но, тоа во овој момент не е на повидок.
Теории на заговор
Наместо тоа, во Будимпешта се почесто се говори за теории на заговор против земјата. Владиниот портпарол Андраш Гиро-Шаш вели: „Најновите случувања јасно одат во прилог на тврдењата на унгарската влада дека станува збор за концентриран напад врз валутата на нашата земја. Состојбата не е толку лоша за со неа да се оправда големата девалвација“.
Грижи предизвикуваат и рамковните политички услови по усвојувањето на новиот, и многу спорен, Устав. Од Брисел, но и од Европската централна банка и од ММФ пристигнуваат се’ поостри критики. Премиерот Виктор Орбан треба веднаш да го повлече законот со кој се ограничува независноста на централната банка. Доколку тоа не се случи, Унгарија може да смета на тоа дека повеќе нема да добива пари за поддршка на финансиските пазари кои сега реагираат панично.
Две рејтинг агенции соопштија дека не гледаат иднина за земјата доколку не се подобри политиката на Орбан кон кризата. Но, аналитичарот Жолтан Торок е песимист: „Сигурно е дека форинтата и натаму ќе слабее и ќе се намалува рејтингот. Тоа негативно ќе влијае и врз берзите. И секако дека финансирањето на државните хартии, односно на унгарската држава ќе биде се’ поскапо“.
На Унгарија и се потребни свежи пари
Поради тоа на Унгарија и се потребни свежи пари. Меѓутоа ММФ не сака официјално да преговара за нов кредит со владата. На 11 јануари во Вашингтон ќе има нова рунда разговори, но шефицата на ММФ Кристин Лагард јасно стави до знаење дека тоа ќе бидат само „неформални разговори“. Датум за почеток на официјални преговори нема.
Доколку премиерот Виктор Орбан сака да види свежи пари, ќе биде принуден да ја менува својата политика. И покрај советите од ММФ и од Европската Комисија тој дозволи да бидат усвоени закони со кои се ограничува независноста на централната државна банка.
Унгарија е на работ на банкрот, а се’ уште не се назира на кој начин разнишаните финансии во таа земја би можеле да бидат доведени во ред.
Автор: Андреас Мејер-Фајст/Борис Георгиевски
Редактор: Александра Трајковска