1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија: Македонија не е заборавена

5 јули 2011

Унгарија, и покрај крајот на претседателствувањето со ЕУ не се откажува од амбициозниот план за проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан.Во таа насока Будимпешта подготви меморандум во кој има и дел за Македонија.

https://p.dw.com/p/11pGq
Логото на штотуку завршеното унгарско претседателство со ЕУ

Унгарија не се откажува од својата амбициозна програма за поддршка на процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан. Во тој контекст, премиерот Виктор Орбан денеска пред Европскиот парламент во Стразбур соопшти дека тој им испратил Меморандум на сите земји членки на ЕУ, претседателот на Европската комисија и Европскиот парламент, во кој тој ги дава унгарските видувања на процесот на проширување за земјите од Западен Балкан со конкретни предлози.

Веднаш по оваа изјава на Орбан , неговиот министер за надворешни работи Јанош Мартоњи во изјава за Дојче Веле рече дека засега нема реакции на Меморандумот за Западен Балкан“, со оглед дека тој бил испратен пред еден ден.
Потребно е сепак решение за името
Politiker Janos Martonyi
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Јанош МартоњиФотографија: AP

Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека во Меморандумот има и дел кој е посветен на евроинтегративните процеси на Македонија, „ Нашата позиција е многу јасна, Г-динот Орбан ја има повторено на повеќе наврати“,рече Мартоњи.
На нашето прашање дали е оптимист за можниот почеток на преговорите за членството на Македонија во ЕУ, Мартоњи беше јасен:
„Оптимизмот е нешто друго, но вие добро ја знаете позицијата на Европската комисија и Европскиот парламент, ако сакаме реално да започнеме преговори, вие добро знаете дека за тоа е потребна едногласна одлука од сите земји членки на ЕУ.“ Притоа, унгарскиот министер за надворешни работи нагласува „Во секој случај потребно е да се најде решение за името“.
Хрватска голем успех за унгарското претседателство
Претходно премиерот Виктор Орбан призна пред новинарите дека тој е задоволен од спроведувањето на делот на програмата кој се однесуваше на земјите од Западен Балкан.
„ Завршувањето на преговорите за членството на Хрватска во ЕУ е голем успех за унгарското претседателство, ова никој не го очекуваше пред шест месеци“ – изјави унгарскиот премиер на конференцијата за печатот. Претседателот на ЕП, Јержи Бузек исто така ја вброи Хрватска во успесите на унгарското претседателство, што според него тоа е успех за целиот Западен Балкан.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Симе Недевски