1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина не сака да и’ го врати долгот на Русија

Франк Хофман/ З. Јордановски6 ноември 2015

На крајот на декември Украина треба, но одбива да и’ врати три милијарди долари на Русија, што како кредит му ги даде Путин на тогашниот украински претседател Јанукович. Кој има џокер во ракавот во актуелниот покер?

https://p.dw.com/p/1H1Ff
Фотографија: picture alliance/dpa/J. Kalaene

Премиерот на технократската влада на Украина Арсениј Јацењук е особено гласен кога го жигосува Кремљ, со многу реторика и најчесто со малку конкретни нешта. Сосем поинаку звучи неговата реченица кажана деновиве: „Украина нема да и’ ги врати на Русија милијардите од кредитот“, со кратко дополнение: „Ако Москва не се приклучи кон спогодбата за растоварување на долговите“. Таа спогодба Киев ја постигна со приватните доверители летоска со посредство на ММФ (Меѓународниот монетарен фонд).

Во Киев рускиот кредит го сметаат како подмитување, оти кога парите пред две години стигнаа во Украина, тогашниот проруски претседател, подоцна протераниот Виктор Јанукович, веќе не сакаше да ја потпише со ЕУ договорената спогодба за приближување на земјата кон Унијата. Потоа започнаа проевропските протести на Мајдан и Јанукович во февруари минатата година побегна од претседателската палата.

Можен судски процес во Лондон

„Кредит е кредит“ и кој не го отплатува го има Црн Петко во раката, вели еден западен набљудувач во Киев. Но, рускиот кредит од три милијарди долари има и една посебност: режимот на Јанукович пласира обврзници во тој износ на берзата во Даблин. Единствен откупувач, како што можеше да се слушне, бил рускиот резервен фонд ФНБ, еден од двата во кои Кремљ порано ги ставаше настрана обилните приходи од продажба на суровини.

Лондон е одреден како место за судската надлежност за спорот кој е де факто кредит од Путин за Јанукович, а не од Москва за Киев. Москва може таму да тужи ако Киев до 20. декември не го врати долгот. Еден западен банкарски менаџер во Киев вели дека „тоа е ризик за Кремљ“, оти веќе имало случаи во кои судиите во Лондон одлучиле во полза на должникот, ако кредитот од политички причини оди на товар на целата економија. Во тој случај Русија би останала без трите милијарди.

Пад на украинската валута

Но, фактичкиот ризик е многу поголем и се крие на друго место. Се покажува колку е тешко дури и во воено време да се раздвојат две тесно испреплетени економии, како руската и украинската, а првенствено во банкарскиот сектор. Украинската економија доживеа пад во периодот 2014/15, вредноста на украинската валута - гривна - за две години падна од осум на 26 гривни за евро. Украинската централна банка од 2013. година наваму затвори речиси 60 банки во земјата. Летоска пред претседателската палата повеќекратно протестираа очајните ситни штедачи, кои ги имаа вложено своите пари во тие банки.

Deutschland Ukraine Jazenjuk Rede bei der Wirtschaftskonferenz in Berlin
Арсениј ЈацењукФотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Но, се’ до денес во Украина има три големи банки-ќерки на банки од Русија! Како што можеше да се дознае, нивниот биланс изнесува вкупно 8,4 милијарди долари. Покрај познатата Сбербанк, тука се и ВТБ и ПиБ (Проминвестбанк), која речиси и не се занимава со ситни штедачи, туку првенствено финансира претпријатија. Нејзини клиенти се во прв ред фирми кои имаат развиен бизнис со Русија. Нејзиниот биланс изнесува 3,2 милијарди долари.

Овие три банки треба до 1. декември да поднесат концепт за реструктуирање. На стрес-тестот под контрола на ММФ годинава кај нив се покажа ризик за отпис на кредити во висина од една милијарда долари. Поради тоа украинската централна банка, поддржана и од ММФ, има добра причина да ги подржави сите три големи руски банки во Украина. Нивните кредитни линии, според информации од банкарски кругови во Киев, и до една третина се финансирани од матичните куќи во Русија. Кај ПиБ тоа е московската Банка за надворешно стопанисување, зад која, пак, стојат двата руски резервни фондови од кои е доделен кредитот од три милијарди долари за проруската влада на Јанукович!

На крајот добитник е банката - и Русија

Сметката гласи вака: трите милијарди кредит од Путин за Јанукович се загубени, токму како и билансната сума од 8,4 милијарди на трите руски банки во Украина - значи, рускиот ризик таму изнесува повеќе од 11 милијарди долари. Економската слабост на Украина одненадеж станува џокер. Поради тоа сега жестоко се дискутира зад кулисите; на крајот би можеле трите милијарди кредит за режимот на Јанкукович да бидат вкалкулирани со рефинансирањето на големите руски банки во Украина.

Тогаш капиталот позајмен на Сбербанк, ВТБ и ПиБ од московските матични куќи би станал сопствен капитал на киевските банки-ќерки, а Кремљ би задржал извесно влијание врз банкарскиот систем на Украина“ - како што вели менаџер на една од засегнатите банки. На крајот добитник ќе биде банката, а Русија нема да ги загуби своите пари. Но, за тоа досега не стана збор во огнените говори на украинскиот премиер Јацењук против руската агресија во Украина.