1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Судот ја минира работата на специјалниот обвинител?

Катерина Блажевска2 септември 2015

Судската одлука снимките од прислушувањето да се издвојат како незаконски прибавени докази, правно значи оти тие не ќе може да се користат како доказ во постапката, предупредуваат експерти.

https://p.dw.com/p/1GPrS
Фотографија: Petr Stojanovski

На денот кога опозицијата се врати во Собранието, со што беше реализирана една од обврските од Договорот од 2 јуни, Судот донесе одлука, со која според правните експерти, се минира друга обврска - работата и надлежноста на идниот специјален обвинител. Основниот суд Скопје 1 - Скопје, вчера соопшти дека судија на претходна постапка донел решение со кое снимки од телефонски разговори и транскрипти поднесени со кривичната пријава од СДСМ против осомничените Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Сашо Мијалков и уште пет лица, треба да се издвојат како незаконски прибавени докази, бидејќи согласно со член 12 став 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП) не може да се користат и врз нив да се заснова судска одлука. На ваквата одлука и претходело барање за издвојување на доказите од списи на Основното Јавно обвинителство (ОЈО), поднесено од Никола Додевски, адвокат на премиерот Груевски. Според Судот, снимките и транскриптите не се добиени согласно Законот за следење на комуникации.

„ОЈО - Скопје до Судот достави 27 оформени предмети заведени под различни РО броеви, со прилог електронски записи снимени на ЦД – а и транскрипти во секој од предметите, наведувајќи дека за наведените осомничени лица ОЈО Скопје нема побарано примена на посебни истражни мерки - следење на комуникации, како и тоа дека истражните постапки во сите предмети сеуште не се завршени, односно обвинителството продолжува со истрагата“, се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

Саботажа на специјалниот обвинител!

Ваквата одлука предизвика бура во експертската јавност. Гордан Калајџиев, професор од Правниот факултет на УКИМ, смета дека тоа е саботажа на специјалниот обвинител и попречување на правдата, за која некој еден ден треба да одговара.

„Да не се лажеме, знаевме дека Судот ќе биде наклонет кон политичките моќници. Фактот дека ова е силно организирана банда, подобро е да се констатира со време, па да се бара чаре со посебен суд или слично. За волја на вистината, знаевме и дека ќе ја спорат законитоста на доказите од разговорите, но дека ќе ги издвојат уште пред да се истражи случајот, а и да се попречува истрагата за тоа кој снимал незаконито - е кривично дело против правосудството“, предупредува Калајџиев.

Според него, судијата не е надлежен во предистражна постапка, бидејќи неговата надлежност е изречно во делот на истражна постапка 294 ЗКП.

„Предистражната постапка е тајна (чл. 289) и до Судот осомничените или други лица може да се жалат ако нешто незаконито направиле ЈО или полицијата (чл. 290), но не и за незаконитост на доказите, за кои се тврди дека некој трет ги собрал незаконито. Законитоста на доказите се цени во истражна постапка, што е јасно во член 93, каде изречно се говори за фаза на истражна постапка, но и за странки. Не верувам дека може да се сметаат за странки кога уште не се ни испитани како осомничени лицата кои се споменуваат во одлуката (Груевски, Мијалков и други), кои колку што знам не се ни распрашани, ниту против нив е донесено решение за истражна постапка! Според мене, судијата немал овластување да ги бара списите и да ги издвои доказите“, вели Калајџиев.

Во однос на делото неовластено прислушување, вели дека разговорите кои се снимени, всушност се корпус деликти за самото дело и нивно издвојување е сериозно попречување на правдата.

Mazedonien Zoran Zaev Oppositionsführer vor der Staatsanwaltschaft in Skopje
Зоран Заев во Јавното обвинителство во февруари годинава.Фотографија: DW/K. Blazevska

„Освен што се докази за ова дело, не може ни да се тврди дека тие во врска со тоа дело треба да се издвојат како незаконити, што би било исто како незаконито произведена дрога одземена од осомничените што не се издвојува бидејки е незаконито произведена! Нема белким сторителите/нарачателите на незаконитото прислушкување да се вадат на тоа дека прислушкувањето било вршено незаконито“, реагира Калајџиев.

Дали е утврдено кој прислушкувал?

Повеќе правни експерти со кои разговараше Дојче веле, од соопштението на Судот заклучуваат дека таа одлука правно значи оти снимките нема да може да се користат како доказ во постапката. Она што според нив е нејасно од соопштението, е дали судот пред донесувањето на оваа одлука утврдил кој, кога и на каков начин прислушкувал и дали снимките се автентични или монтирани?

„Ако се автентични, тој факт има едно значење, ако се монтирани, тоа повлекува други правни последици. Без да ги утврди овие факти, Судот немал можност да донесе одлука дека овие снимки потекнуваат од неовластено прислушување и да ги издвои од списите на предметот. Најтешка правна последица од ваквата избрзана судска одлука е што сите снимки и транскрипти на кои таа се однесува (согласно чл. 93 ст. 2 од Законот за кривична постапка) се чуваат кај судијата на претходна постапка и тие не можат да се разгледуваат, ниту користат во постапката. Па ако овие решенија станат правосилни и оваа законска одредба се примени, што ќе работи специјалниот обвинител? Согласно со политичкиот договор, тој треба да ја истражи токму содржината на прислушуваните разговори“, вели извор од судството.

Според него, од друга страна, од соопштението не може да се утврди и дали судот при одлучувањето ја имал во предвид релевантната судска практика од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) - одлуката во случајот Schenk v. Switzerland.

„Во тој случај, иако спротивно на законот, националните судови употребиле снимка од неовластено прислушување како доказ во случај на расчистување на едно убиство, Судот во Стразбур застанал на став дека нема повреда на правото на приватност заради претежнувањето на јавниот интерес, а интересот е тој случај да се расчисти“, објаснува соговорникот и не исклучува дека освен правни, оваа одлука ќе отвари многу повеќе политички прашања.

Признание за криминално-парадржавна институција

Професорот Богданчо Гогов, пак, вели дека оваа судска одлука е

најдиректно признание дека прислушкувањето се одвивало на криминален начин.

„Од соопштението на Основниот суд Скопје 1 дознавме дека телефонското прислушкување е незаконско и дека за истото сега можеме слободно да шпекулираме дека е сторено од организирана криминално-парадржавна институција, со оглед на обемот на прислушкувањето кое може да го направи само добро технички опремена организација со голем број членови.

Судот, нормално, не навлегол во утврдување кој и како го вршел незаконското следење на телефонските комуникации, затоа што тоа е во надлежност на јавниот обвинител“, вели Гогов. Тој потсетува дека ЈО е должно да презема мерки на гонење на лица за сторено кривично дело и по допрен глас или по поднесена пријава (писмено или усно), а Судот одлучува согласно со одредени докази и факти обезбедени во законска процедура, а според голем број пресуди на ЕСЧП и врз основа на докази обезбедени надвор од предвидената постапка, но кога тие се поткрепени со други релевантни докази и факти.

„Меѓутоа, за мене е многу поинтересен, а истовремено и вознемирувачки делот од соопштението во кое се вели дека судот ги побарал од Јавното обвинителство-Скопје сите оформени предмети и побарал обвинителството да се произнесе по секој предмет пооделно. Но, такво нешто судот не добил. Сознанието дека обвинителството најверојатно ништо од горенаведеното не утврдило, само ја зајакнува потребата од формирање нова институција 'специјален јавен обвинител', која независно од постојното обвинителство ќе работи на корупциски предмети, во кои како можни сторители се политичари и нивни роднини и блиски пријатели“, вели Гогов.

Од СДСМ најавуваат дека денеска ќе го кажат нивниот став, по темелна анализа на одлуката и правните последици кои таа ќе ги предизвика.