1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убијци зад воланот

Грета Хаман / Кристина Краљевска25 јули 2015

Повторно по улиците во Германија се организираат трки, а неретко има и мртви. Келн е рекордер. Тука само годинава загинаа три лица, но не млади луѓе зад воланот, туку невини минувачи.

https://p.dw.com/p/1G2f2
Фотографија: picture alliance/Kyodo

Понекогаш такви трки се договорени, најчесто преку социјалните мрежи, но се случува и „само така“ кога двајца возачи - обично тоа се млади момчиња - ќе се сретнат пред семафор и двајцата сакаат да покажат дека се одлични возачи и дека имаат добар автомобил. Последиците честопати се онакви како последниот пат во Бремен: 52-годишна жена е нова жртва на такви нелегални трки.

Според очевидци, двајца возачи од спротивната насока се натпреварувале кој ќе вози побрзо. Притоа, ја користеле и нејзината коловозна лента, така што жената се обидела да му избега на подивениот возач. Но, излетала од улицата и удрила во столб за јавно осветление. Загинала, а нејзиниот совозач е полесно повреден. Виновниците, возачите кои се тркале, побегнале и полицијата трага по нив.

Градот Келн е рекордер во такви несреќи. Пред една недела учесници во нелегална трка во центарот на градот мораа да сфатат дека немаат поим од возење, ниту за трки. На една раскрсница изгубиле контрола над возилата. Автомобилите без контрола уништувале се’ пред себе, а на патот им се нашла и 26-годишната Џанлука, која возела велосипед. Се разбира, девојката немала никакви шанси.

На 11 април, на истата сообраќајница во Келн, настрада 49-годишен турист од Австрија. Седел во такси, кога налетале учесници во трка - двајцата возачи имале само 19 години. Неколку дена подоцна загина и 19-годишната Мирјам С. Нејзе ја поткачил автомобил БМВ, додека се тркал со друго возило. И така натаму, и така натаму...

„Губитници“ зад воланот

„Никој од тие возачи не се плаши дека ќе загине“, објаснува професор Андре Бресгес. Тој објави неколку трудови за нелегални и урбани трки во Германија и разговарал со многу возачи. „Внимаваат на тоа да возат многу брзо, бидејќи подраго им е да загинат, отколку да останат инвалиди.“ И професорот по психологија Карл-Фридрих Фос утврдил дека главно станува збор за млади луѓе кои сакаат да се „профилираат“ и кои обично не се успешни на други полиња - вклучувајќи го и вистинскиот авто-мото спорт. Речиси и да нема случаи кога зад воланот во автомобилот во нелегална трка управува некој што навистина се занимава со тоа.

Професор Бресгес објаснува дека многу од тие трки се договорени, а социјалната мрежа од фанатични возачи најчесто организира трки надвор од градовите. Всушност, многу поопасни се „спонтаните“ трки кои најчесто почнуваат на семафорите. „Опасноста од тие трки е неспоредливо поголема, бидејќи се тркаат во средина на градското опкружување, како што е во Келн.“

Проблемот во Келн е тоа што тој е урбанистички идеално место за диви трки. „Келн има многу алеи, по чија должина има ресторани, кафеани и слаткарници“, вели Бресгес. Општественото „признание“ е важна состојка во такви трки. Нема смисла ако никој не види како сте го „сотреле“ противникот. Резултатот најчесто е несреќа, така што и не чуди фактот што многу незгоди има токму во центарот на градот.

Illegale Autorennen Köln Unfall
Граѓаните на Келн се огорчени поради постојано новите смртни случаиФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Младите се навикнати на метеж

Полицијата веќе долго се обидува да го реши тој проблем. Ограничувања на брзината не служат за ништо - брзините со кои поаѓаат учесниците во трките се доволна причина веднаш да им се одземе возачката дозвола на подолг период, но тоа е и предизвик за учесниците. Според германските закони, полицијата мора да го идентификува возилото и возачот кој направил сообраќаен прекршок, а тие често во трките учествуваат со автомобил на родителите, па дури возат и изнајмено возило. Дури и да се фати сторителот, постапката трае долго, а многумина сметаат дека и казните за прекршоци се премногу благи.

Поради тоа, полицијата се движи и во друг правец: службените лица ги посетуваат училиштата и разговараат со младите, а им помагаат и жртвите од сообраќајните несреќи и екипите на Брза помош, кои елоквентно можат да сведочат во што може да се претвори човечко суштество при несреќен случај и со мала брзина. Професор Бресгес објаснува дека полицијата сака да се обрати на „молчеливото мнозинство“. „На тие возачи им требаат обожаватели. Тоа најчесто се девојки, но ако таа публика не е одушевена и ако некоја девојка претпочита да одат во кино, со тоа е многу добиено.“

Illegale Autorennen Köln Unfall
Едно од местата во Келн каде се случи сообраќајна несреќа предизвикана од илегални тркиФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Прикажувањето т.н. „шокантни снимки“, каде се гледаат особено тешки сообраќајни несреќи, се покажа како крајно неефикасно. Најчесто возачите сами прикачуваат такви снимки на интернет, а младите ретко ја сфаќаат опасноста од такво возење. „Младите веќе се навикнати на такви метежи од филмовите. Тоа одговара на навиките на оние кои се луди по брзо возење“, додава професорот. „Постојат студии кои покажуваат дека таквите снимки имаат спротивен ефект, бидејќи учесниците во трката мислат дека такво нешто ним не може да им се случи и дека подобро се разбираат во автомобили и во возење.“

Ги мразат „лежечките полицајци“

Градската управа на Келн и нејзиниот директор Гидо Кален се одлучни во намерата да ги тргнат таквите возачи од улиците. Заедно со полицијата покренаа акција „Нула толеранција за тркачите“. Многу почесто се контролира брзината на учесниците во сообраќајот. Исто така, почесто се котролираат и сомнителните возачи, бидејќи неретко и учесниците во трки се под дејство на алкохол или наркотици.

Професор Бресгес укажува и на еден сигурен метод за да се сопрат таквите дивјаци по улиците: со поставување на „лежечки полицајци“, препреки на асфалтот. Додуша, тие не им се мили ниту на обичните учесници во сообраќајот, кои главно ги почитуваат сообраќајните правила, но се смрт за учесниците во дивјачки трки. Имено, многумина од нив ги имаат спуштено своите автомобили за да бидат поблиску до асфалтот и ги имаат украсено со разни спојлери, така што возат побавно од обичните возачи кога ќе дојдат до „лежечките полицајци“. „Многу од нив не се плашат за својот живот, но и тоа како стравуваат за својот автомобил.“