1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиецот од Фрајбург стигнал од Грција

Јанис Пападимитриу
16 декември 2016

Осомничениот убиец на 19-годишна девојка во Фрајбург, бегалец од Авганистан, веќе бил осудуван во Грција. Како стигнал во Германија, е нејасно.

https://p.dw.com/p/2UNH5
Demonstration von Flüchtlingen zum Gedenken an die tote Freiburger Studentin Maria L.
Фотографија: DW/ M. Schneider

„Немам зборови, можам само да се чудам на развојот на тој човек“, вели адвокатката Мариа-Елени Никополу во интервју за Дојче веле. Младата жена била адвокат по службена должност на Хусеин К. на грчкиот остров Крф во 2014 година. Нејзиниот клиент тогаш бил осуден на десет години затвор поради кражба и насилство. Да се зборува со него не беше лесно, зашто тој слабо зборува англиски, се присетува адвокатката, додавајќи: „Веднаш ми падна в очи дека тој беше сосем рамнодушен, не покажуваше никаква возбуда, никаков страв“. Делото на Крф се одвивало слично како она во Фрајбург. Студентката Спиридула Х. во мај 2013 година доцна ноќта, враќајќи се дома, била нападната од Хусеин К. среде улица, ограбена, а потоа турната од една стрмна карпа. 20-годишната Гркинка преживеала, но се здобила со тешки повреди.

Исто како и во Фрајбург, Хусеин К. по апсењето на Крф на полицијата ѝ рекол дека потекнува од Авганистан и има 17 години. Ако неговите наводи се точни, тогаш тој денес има 20 години и не може да профитира од поблагите санкции на германското кривично право предвидени за малолетници. Но, во Грција во 2014 година Хусеин К. бил испратен во казнена установа за малолетници во близина на пристанишниот град Волос. Уште во октомври 2015 година бил предвремно условно ослободен, врз основа на законот за амнестија донесен заради растоварување на затворите, кој левичарката грчка влада го донесе во април 2015 година, без оглед на жестоките протести на конзервативната опозиција во парламентот Според овој закон, затворениците со казни над десет години добија шанса за предвремено ослободување. Посебни поволности се предвидени за малолетниците и лицата со инвалидност.

Deutschland Freiburg nach Mord an Studentin - Nähe Tatort
19-годишната студентка по медицина Мариа Л. беше силувана и убиена во близина на овој мост на реката ДрајзамФотографија: Getty Images/S. Gallup

Спорниот закон за амнестија на владата од Сириза

„Овој закон беше донесен меѓу другото и поради постојаните осуди на Грција од страна на Европскиот суд за човекови права поради лошите услови во грчките преполни затвори“, укажува адвокатката Никополу. Во образложението на законот категорично стои дека долгогодишните казни затвор треба да се избегнуваат, посебно кај малолетниците, зашто тие се еден вид „образование за криминалци“. Во интервју за Дојче веле адвокатката истакнува дека го советувала Хусеин К. во затворот да учи грчки, што може да придонесе за намалување на неговата казна. Дали тој го послушал нејзиниот совет? „Мислам да, но не не знам сигурно, зашто веќе немав контакт со него“, вели таа.

Правниот експерт Јоана Мандру во грчката телевизија Скај констатираше: „Предвременото пуштање на слобода на Хусеин К. не беше никаква грешка на правосудството, туку токму препорака. Според сегашната правна основа, сторител на тешко кривично дело може да биде ослободен веќе по 12 години од издржувањето на казната, под одредени услови.“ 

Првично, законот за амнестија требаше да важи една година. Уште во првите осум месеци од стапувањето во сила на спорниот закон, шансата да се најдат на слобода ја добија преку 1800 деликвенти. Меѓу нив беше шверцерот Василис Стефанакос, еден од најпознатите криминални престапници во Грција, како и поранешниот градоначалник на Солун, Василис Папајоргопулос, осуден за проневера, кој се повика на својата инвалидност. Тогашниот министер за правда Никос Параскевопулос не се осврна на критиките и го продолжи важењето на законот на натамошни 12 месеци. Така, законот е во важност до април 2017 година, иако Параскевопулос во меѓувреме ја напушти функцијата во рамките на владината реконструкција.

Deutschland Freiburg nach Mord an Studentin - Demonstration von Flüchtlingen
По убиството во Фрајбург, бегалците се најдоа под притисокФотографија: picture-alliance/Ropi

Неразјаснети прашања околу неиздадена потерница

По своето условно ослободување есента 2015 година, Хусеин К. бил должен да се јавува во полициска станица во Атина секој први во месецот. Според информациите на ТВ Скај, Хусеин К. се јавил во полициска станица во ноември 2015 година, а потоа го снемало. Следните четири недели очигледно тој успешно ги искористил за непречено да отпатува во Германија. Дури во декември 2015 година атинската полиција забележала дека младиот човек не ја испочитувал законската обврска. Нејсно е дали и кога надлежните служби распишале потерница по Хусеин К.