1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Војна не може да се прославува“

Јулија Хан
28 март 2018

Турските власти уапсија студенти од престижниот универзитет Босфор во Истанбул. Тие протестираа против турската воена операција во Сирија. Претседателот Ердоган ги нарече „терористи“.

https://p.dw.com/p/2v8JH
Türkei Bosporus Universität
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Kose

„Нѐ навредуваа и нѐ влечеа со полициското комбе како криминалци“, вели Тилбе Акан. Таа зборува брзо и  притоа се чини како да и самата не може да верува во она што во моментот се случува на кампусот на нејзиниот универзитет. Акан има 23 години, облечена е во фармерки, блуза и црвен џемпер. Таа е една од околу 20 студенти од Универзитетот Босфор во Истанбул, кои беа уапсени последниве денови поради критикување на турскиот воен ангажман во северна Сирија. Тилбе Акан беше ослободена по осум часа минати во полициски притвор. Но, неколку нејзини колеги-студенти сѐ уште се во притвор.

Во две рации во последниве денови безбедносните сили упаднаа во повеќе соби во кампусот и во еден стан, вели адвокатот Инајет Аксу. „Дојдоа околу 6 часот и беа силно вооружени, нешто што се нема случено на овој универзитет повеќе од 15 години", раскажува Аксу. Државниот универзитет Босфор е еден од најпрестижните универзитети во земјата. Политичари, менаџери, уметници студирале тука. Универзитетот е исто така популарен меѓу студентите на размена од целиот свет.

Меѓу уапсените сега се и неколку членови на марксистичката студентска асоцијација „Марксист Фикир Топлулугу“. Тилбе Акан, која студира  јазици, литература и филм, исто така е член во здружението веќе со години. Таа беше уапсена кога сакаше да демонстрира против рациите и сега упатува сериозни обвинувања против полицијата. „Нѐ тепаа и по глава. Еден од уапсените има и скршен нос и сите добивме лекарско уверение“, вели таа, покажувајќи на светло-црвените лузни на нејзиниот зглоб.

Tilbe Akan
Тилбе АканФотографија: DW/J. Hahn

Студенти велат „не“ за војната

Причина за апсењата очигледно беа судири на универзитетскиот кампус на 19 март - еден ден откако турската армија и сојузничките милиции на ФСА го освоија северниот сириски град Африн. Група студенти делеа слатки на штанд во кампусот, кои во спомен на загинатите турски војници ги нарекоа „Африн дилајт“. Друга група составена пред сѐ од левичарски ориентирани студенти ѝ се спротивстави на првата група со антивоени плакати. „Нема ништо слатко за окупацијата и масакрот", стоеше на плакатите. 

Повеќе:

-Сирија и триумфот на автократите

-Војната во Сирија и грешките на Западот

-Сирија: Извештаи за пљачкосување во Африн

„Не сакаме терористи на нашиот универзитет“, пишуваат студенти на Твитер.

„Војна сепак не може да се прославува“,  решително вели Акан. Проблемот, меѓутоа, вистински започна откако сликите од нејзиниот протестен плакат се најдоа на социјалните мрежи. „Одеднаш бевме етикетирани како терористи и поддржувачи на ПКК, обвинети за навреда на турската нација и на паднатите војници“.

„Добра“ младина, „лоша“ младина?

Универзитетската управа аргументира на сличен начин. Во соопштение, ректорот ги осуди протестите на противниците на војната. „Ние не го толерираме тероризмот“, се вели во писмото. „Овие неколку луѓе не го претставуваат целиот универзитет.“ Паралелно со полициските истраги, универзитетот започна дисциплинска постапка против учениците. Новиот ректор на некогаш либералниот универзитет Босфор е на функција од 2016 година - лично назначен од претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Syrien Krieg Afrin | türkisches Militär
Фотографија: Reuters/K. Ashawi

А тој исто така интервенираше во дебатата. Антивоените активисти се „комунистички предавници“, кои се обидоа да ја попречат акцијата на „религиозната, националистичка младина“, рече Ердоган во говорот пред поддржувачите на неговата исламско-конзервативна партија АКП во Самсун, на брегот на Црното Море. „Ние нема да ѝ дозволиме на оваа терористичка младина да студира на нашите универзитети“, истакна Ердоган.

Контрола врз училиштата и универзитетите

„Откако Ердоган го одржа овој говор, сѐ повеќе лица се најдоа на нишан“, вели адвокатот Инајет Аксу. Во втората рација беа уапсени повеќе студенти. „Како може јавно да ги жигосува овие млади луѓе како терористи без никакви докази? Со тоа претседателот од себе прави и судија.“

Тилбе Акан верува дека апсењата не се случајни. „Ердоган ја користи оваа војна за да ја замолкне целата опозиција. Ја користи за да ни ја одземе слободата на мислењето, а на универзитетите - нивната автономија“, вели Акан. „Тој сака да создаде униформна генерација која знае само едно мислење: неговото, и затоа сака да ги контролира училиштата и универзитетите.“