1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: солзавец и гумени куршуми против ЛГБТИ заедницата

БГ
26 јуни 2017

Турската полиција не дозволи одржување на парада на ЛГБТИ заедницата во Истанбул, разбивајќи го обидот на граѓаните да демонстрираат во центарот на Истанбул со солзавец и гумени куршуми

https://p.dw.com/p/2fMba
Türkei Polizei verhindert Gay Pride-Parade in Istanbul
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Гувернерот на Истанбул трета година едноподруго го забрани одржувањето на Геј парадата во центарот на градот, но стотици демонстранти се обидоа да го одржат најавениот протест.
Полицијата формираше контролни пунктови во областа и не им дозволуваше на групи и поединци за кои се сомневаше дека се дел од планираниот марш, да влезат на плоштадот Таксим. Малите групи кои се собраа на околните улици беа бркани од полицијата.

Најмалку стотина демонстранти се собраа на околните улици и извикуваа слогани како „Не бидете тивки, извикајте, хомосексуалците постојат!“ и „Љубов, слобода, државата да остане настрана“. Демонстрантите носеа банер на кој пишуваше: „Навикнете се, ние сме тука“.

Турција: полицијата не дозволи одржување Геј парада

Полицијата користеше солзавец за да ја разбие толпата, а активистите тврдат дека биле користени и пластични куршуми. Бројот на уапсени луѓе од полицијата варира во зависност од изворот- меѓу 10 и 50 луѓе. Дел од нив беа ослободени уште во текот на ноќта.

Гувернерот на Истанбул соопшти дека не издал дозвола за одржување на настанот поради тоа што пријавата не била уредно поднесена. Дополнително, од неговата канцеларија тврат дека парадата би предизвикала „сериозни реакции од други сегменти на општеството“ откако неколку националистички и религиозни групи бараа тој да се забрани.

Türkei Ausschreitungen in Istanbul
Активистите тврдат дека полицијата употребила гумени куршумиФотографија: Reuters/M. Sezer

Хомосексуалноста е легална во Турција уште од прогласувањето на републиката пред повеќе од девет децении. Турската влада тврди дека не постои дискриминација против ЛГБТИ заедницата.

Претходно, од 2003 година, турските власти дозволуваа да се одржува Парада на гордоста. Во 2014, на Парадата на гордоста во Истанбул присуствуваа повеќе од 100 илјади луѓе.