1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција продолжува со напади врз ИД и ПКК

Е.М. Фиданоска /афп/ард26 јули 2015

По воздушните напади на Турција врз позиции на ПКК во северен Ирак, се заканува повторно ескалација на конфликтот со Курдите. Денеска во напад со автомобил бомба беа убиени двајца турски војници, а повредени четворица.

https://p.dw.com/p/1G4ug
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Akengin

Досега никој нема преземено одговорност за нападот кој се случи во југоисточниот дел на Турција, каде живеат главно Курди. Сепак, турската армија за нападот ја обвини Курдската работничка партија (ПКК).

Од канцеларијата на гувернерот на провинцијата Дијарбакир е соопштено дека во „одвратниот“ напад загинале двајца подофицери. Нивното оклопно возило било кренато во воздух во време кога војниците со својот конвој минувале низ општината Лиџе. Турскиот генералштаб соопшти дека за нападот е одговорна „терористичката и сепаратистичка организација“. Со тие зборови турските власти вообичаено ја опишуваат ПКК. Гувернерот изјави дека е почната „проширена операција“ за пронаоѓање на атентаторите.

Военото крило на ПКК, курдските Сили за одбрана на народот (ХПГ), ја обвинува Анкара дека со нападите врз позиции на ПКК во северен Ирак „еднострано го прекинала“ прекинот на огнот договорен во 2013 година. Тој договор, како што се вели, веќе „нема значење“. ХПГ оваа недела презеде одговорност за убиството на двајца полицајци, кои наводно биле блиски до Исламска држава.

Türkei Anschlag auf Soldaten in Diyarbakir
Турција во потрага по атентаторитеФотографија: Getty Images/AFP/I. Akengin

Турција во петокот наутро почна прво со воздушни напади врз позиции на Исламска држава, а потоа нападите ги прошири и врз ПКК. Вчера Анкара потврди дека се извршени нови напади врз позиции на ИД во Сирија и воени објекти на ПКК во северен Ирак. Паралелно со воздушните напади, копнените сили од Турција гаѓаат позиции на ИД и на ПКК во Сирија и Ирак. Турската артилерија и во текот на денешниот ден гаѓа позиции на ПКК во северен Ирак, јавуваат турските медиуми.

Турските воздушни напади претставуваат промена на однесувањето на владата во Анкара, која долго беше критикувана поради нејзиното колебливо однесување кон ИД. По повеќемесечни преговори, Турција им дозволи и на САД да ја користат воздухопловната база Инџирлик. Воздушните напади се проследени и со бран апсења во внатрешноста на Турција. Турскиот премиер Ахмет Давутоглу соопшти дека од петокот досега се уапсени 590 лица осомничени за поврзаност со „терористички органзиации“.

Türkei Ankara Demonstration
Протестниот марш против ИД во Анакара беше разбиен насилноФотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Вчера полицијата во Анкара насилно растури протестен марш против ИД. Освен тоа, властите забранија одржување на планираниот „мировен марш“ на ХДП во Истанбул. Во градот Чизре во судири меѓу полицијата и прокурдски демонстранти загина 21-годишно момче.

Добри Курди, лоши Курди

Дали турските воздушни напади врз позиции на ПКК во северен Ирак се легитимни? Германија и САД имаат различни ставови по ова прашање. Додека германската влада има критички зборови, Белата куќа застана во одбрана на постапките на турската армија. Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен за првата програма на германската телевизија изјави дека и натаму мора да се оди по патот на помирување на Анкара и ПКК. За разлика од владата во Берлин, американските власти оценија дека нападите врз ПКК се легитимни. Турција смее да се брани од терористички напади, соопшти портпарол на Белата куќа.

И Германија и САД, инаку, ја категоризираат ПКК како терористичка организација. Сепак, борците на ПКК заедно со другите курдски единици - како пешмерга - играат важна улога во борбата против ИД во Сирија и северен Ирак. Пешмерга-борците притоа добиваат поддршка од Германија и други држави на НАТО.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини ја опомена Турција да продолжи со мировниот процес со Курдите. „Со се‘ што се презема треба да се избегнува ризикот од загрозување на прекинот на огнот и курдскиот мировен процес“, напиша Могерини во писмена изјава.