1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција на Ердоган е загубена

Обработка: Е.М. Фиданоска
17 јули 2017

Одбележувањето на годишнината од пропаднатиот обид за пуч во Турција и најновите изјави на Ердоган, доминираат на страниците за меѓународна политика во германските весници.

https://p.dw.com/p/2geGj
Türkei 1. Jahrestag des Putschversuches
Фотографија: DW/D. Cupolo

Во текстот наслов „Оваа Турција е загубена“, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува:

„Ако беше неопходен уште еден доказ за тоа дека Турција на претседателот Ердоган не се гледа себеси како дел од Европа, тогаш прославата на првата годишнина од пропаднатиот обид за преврат го донесе тој доказ. Беше најавено дека ќе се слави 'победата на демократијата'. Потоа можеше да се види како изгледа демократија 'а ла Ердоган': лидерот на опозицијата Киличдароглу не смееше да зборува на одбележувањето на годишнината во парламентот, а Ердоган, во добро инсцениран спектакл, побара 'сечење на главите' на пучистите. Освен тоа, тој не зборува за фер процес, туку за повторно воведување на смртната казна. Претходно, Ердоган не криеше дека му е сеедно за ЕУ. Оттука, намерата на претседателот на Европската комисија Јункер и натаму да ја држи подадена раката кон Турција и неговото барање таа да се држи до демократските вредности за да не биде прекинат процесот на приклучување, како што бара Европскиот парламент, е знак на беспомошност. Ердоган и неговата мегаломанија нa ЕУ веќе не ѝ оставаат избор: Турција е за Европа загубена и од тоа мора да се извлечат консеквенции.“

„Ханделсблат“ ги става под лупа најавите на Ердоган за повторно воведување на смртната казна:

„Турскиот претседател знае точно што предизвикува со ваквата своја реторика: земјата се оддалечува сѐ повеќе од ЕУ, НАТО, Западот воопшто. Турците стануваат туѓи за Западот. И, тоа се прави со намера. Ердоган и неговата АКП работат на нов национален идентитет - дури и ако тоа значи прекин со старите партнери. Чао, Европа! Или на турски: Ѓуле, ѓуле!“

Весникот „Велт“ коментира дека модерна Турција сѐ уште е жива:

„Претседателот може да го управува полицискиот апарат, па и правосудството, како што сака. Но, тој е и слаб. Зашто, претседателски систем скроен според една личност не одговара на долг рок на една земја која има голем среден слој и која општествено сѐ уште се наоѓа на пат кон западната Модерна. Ердоган против себе има најмалку половина од населението. Тој нема да може да спречи многу Турци и натаму да гледаат кон Западот. Тоа, пак, што и натаму успева со вулгарност и суров национализам да одушеви голем дел од Турците, покажува дека земјата и натаму лебди меѓу Ориентот и Оскидентот, меѓу националистички чувства и модерно сфаќање на државата... Маршот за правда од Анкара до Истанбул беше знак на живот на модерна Турција. Колку и да е тежок односот со Турција денес - Европа не смее да се разочарува од земјата на Босфорот.“

„Зиддојче цајтунг“ потсетува:

„Пучот од почеток беше осуден на неуспех. Не само поради тоа што пучистите постапија глупаво, туку, што е од решавачко значење, затоа што мнозинството Турци од своето горчливо искуство знае што следува ако армијата ја преземе власта: измачување, затвор, смрт. Затоа толку многу луѓе таа топла летна петочна вечер, кога во Истанбул или се прави забава или се ужива со семејството, застанаа против тенковите на мостот на Босфор. Својата храброст со живот ја платија 249 луѓе.“