1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција бара од граѓаните да не патуваат во Русија

ЕМФ /ртр/дпа/ард28 ноември 2015

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази жалење поради соборувањето на рускиот борбен авион. Анкара предупредува да не се патува во Русија. Кремљ, пак, зборува за најголема штета во односите со Турција досега.

https://p.dw.com/p/1HE0A
Фотографија: picture alliance/ZUMA Press

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази „тага“ поради соборувањето на рускиот борбен авион пред неколку дена и рече дека се надева оти такво нешто нема да се повтори. „Посакуваме вакво нешто да не се случеше, но се случи. Се надевам дека такво нешто нема да се случи уште еднаш“, изјави тој. Сличен став пред два дена веќе изнесе турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.

Во меѓувреме, турската влада ги повика своите граѓани да не патуваат во Русија доколку тоа не е неопходно. Министерството за надворешни работи во Анкара соопшти дека препораката за непатување е реакција на проблемите со кои се соочени граѓаните во Русија во моментов.

Русија вчера најави дека ќе го укине безвизниот режим со Турција од јануари. Тоа значи дека Турците од почетокот на наредната година ќе мора повторно да вадат виза за влез во Русија.

Moskau, Proteste vor türkischer Botschaft
Протести пред турската амбасада во Москва (25.11.2015)Фотографија: Getty Images/AFP/K. Kudryavtsev

Кремљ: Најголема штета во односите досега

Официјална Москва денеска соопшти дека штетите во руско-турските односи, по соборувањето на рускиот борбен авион од страна на Турција, е тешко поправлива. Претседателот Владимир Путин на инцидентот му има посветено максимално внимание, изјави портпаролот на Кремљ Дмитри Песков денеска за руската државна телевизија. Во текот на денот Русија треба да обелодени какви санкции ќе воведе против Турција. Москва ги повикува сите партнери на Турција, а особено САД, да влијаат врз идните потези на владата во Анкара.

Песков тврди дека Турицја во инцидентот со авионот манипулира со докази. Рускиот бомбардер Су-24 не навлегол во турскиот воздушен простор, како што тврди Анкара, потенцира Песков. Тој додаде дека картата што ја презентирала Анкара за случајот е манипулирана.