1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Два света на Кос

Бернд Ригерт/бг7 септември 2015

Туристите на грчкиот остров Кос доаѓаат на одмор и сакаат да останат што е можно подолго. Бегалците од Сирија, пак, би сакале што побрзо да заминат. Како изгледа овој судир на два света, објаснува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1GS0M
Фотографија: DW/B. Riegert

Малото пристаниште во грачето Кос на истоимениот остров, им пружа на туристите сѐ што ќе посакаат: едреници, излетнички бротчиња, ресторани. Тука се уште и старата тврдина и бројните хотели со сиот можен луксуз. Но, на крајот на островот, сцени кои некако не се вклопуваат во целата идила. На зелената површина долж променадата нанижани се шарени, импровизирани шатори. Десетици исцрпени жени со деца и мажи седат во сенката. Децата си играат со околните мачки. Покрај нив минуваат европските туристи, а некои и фотографираат.

„Туристите и бегалците немаат контакт“, вели Џеф Лауер од Холандија. Неговата сопруга пред некој ден купила вреќа колачиња и им ги поделила на децата. Благодарноста била голема. Но тоа е сѐ од контактите. „Навистина е некако чуден овој соживот на бегалците и туристите овде, но како поединец не можам ништо повеќе да сторам“, вели Лауер. Дома, пријателите го одвраќале од идејата да оди на одмор на Кос. „Но ние сакавме да им помогнеме на Грците со тоа што се одлучивме за одмор во Грција“, заклучува холандскиот турист.

Туризмот во опасност

Сопственикот на еден хотел, кој сака да остане анонимен, не е толку рамнодушен кон состојбата на островот. Една туристка од Велика Британија му се пожалила дека и‘ преседнал ручекот на терасата поради бегалците кои и‘ пристапувале. Поради ваквите приказни некои хотелиери веќе се загрижени. Тоа оди дотаму што еден хотелиер на својата интернет-страница ги „врбува“ гостите со порака: „Нашите плажи со гаранција се без бегалци“. Но, има и хотели кои профитираат од актуелната состојба. Побогатите бегалци од Сирија немаат проблем да платат и хотелска соба додека чекаат за регистрација.
Параскос, поранешен сопственик на ресторан, вели дека го пренесува ставот на мнозинството на островот: „Со сето разбирање за страдањата на бегалците мораме да кажеме: тие тука не можат да останат. Тоа би ги избркало туристите“. Параскос е пред се‘ лут на грчките власти кои, како што вели, не се во состојба побрзо да ги регистрираат бегалците и да им овозможат натамошен пат кон копното. „Неколку автобуси, неколку траекти и повеќе државни службеници и проблемот би бил решен“, вели пензионираниот угостител.

Griechenland Kos Urlauber & Flüchtlinge
Параскос од КосФотографија: DW/B. Riegert

Волонтирање на одмор

Студентката од Келн, Хана Пол со своето момче на Кос дошла на одмор, но веднаш ги променила плановите откако пристигнала. Хана го говори Фарси јазикот и со оглед дека бројни бегалци доаѓаат од ова говорно подрачје, на локалните власти им се понудила како преведувачка. Во меѓувреме се грижи за неколку семејства. Особено ја потресуваат сведоштвата на жените од Иран и Авганистан. За неа овој одмор веќе не е само неколку безгрижни денови на сонце, но задоволна е што можела да помогне.

Griechenland Kos Urlauber & Flüchtlinge
Хана ПолФотографија: DW/B. Riegert

Вечерта, редовната траектна линија го напушта Кос во правец на пристаништето Пиреа. Бегалците кои со денови чекаа на регистрација смеат на копно, доколку можат да си дозволат карта за бродот. Туристите во околните ресторани уживаат во виното, додека бегалците се провлекуваат низ посебниот влез на траектот.