1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светските прваци во патување стануваат претпазливи

Даниел Пелц / Е.М. Фиданоска9 март 2016

И покрај стравот од терор и граѓанските војни во светот, Германците и натаму патуваат со драго срце. Но, бројот на резервации опаѓа. Браншата е загрижена.

https://p.dw.com/p/1I9kj
Фотографија: picture alliance/Robert Harding

Германската туристичка бранша има нов омилен збор: безбедност. Зашто, недоволната безбедност во многу омилени земји за одмор плаши голем број Германци. „Тоа води до тоа голем број гости да одмеруваат, да чекаат и да резервираат колебливо“, изјави Михаел Френцел, претседател на Сојузот на германското туристичко стопанство (БТВ) пред почетокот на светскиот саем за туризам (ИТБ) во Берлин (09.03-13.03).

Страв од терор, бегалска криза или политички тензии во земјите кои порано беа рај за одмор: според актуелните истражувања на Друштвото за истражување на потрошувачката (ГфК), до крајот на јануари летување резервирале еден милион Германци помалку отколку во истиот период лани. Браншата сѐ уште се надева на брзо менување на трендот. „Луѓето можеби сѐ уште не седат врз спакувани куфери, но сигурен сум дека ќе се пакуваат“, уверен е Френцел.

Eröffnungspressekonferenz der Internationalen Tourismusbörse (ITB)
Михаел Френцел, претседател на Сојузот на германското туристичко стопанствоФотографија: DW/P. Kouparanis

Опаѓа бројот на резервации за Средоземјето

Германците веќе се чувствуваат безбедни, пред сѐ во земји како Египет, Тунис или Турција. Бројот на резервации за летување во Турција е паднат за 40%.

Во 2015 година Турција беше на трето место на листата на Германците со најомилени земји за патување. „Воздржаноста на многу муштерии е поврзана си прашањето за безбедност на туристичките цели, поради ужасните настани во последно време“, нагласува претседателот на Германскиот туристички сојуз (ДРВ), Норберт Фибих.

Иронично, но можно: стравот од терор би можел да ја погоди и земјата која оваа година е партнер на ИТБ - Малдиви. Според еден извештај на ГфК, и оваа земја во Индискиот океан бележи намален број на резервации. Но, на Малдиви нема опасност од исламисти подготвени на насилство, укажува министерот за туризам Мооса Замеер. Медиумските извештаи за такво нешто се „политичка кампања за да се наштети на имиџот на Малдиви“, тврди министерот. Тој додава дека опасноста од тероризам таму не е ништо поголема отколку во која било друга земја.

Eröffnungspressekonferenz der Internationalen Tourismusbörse (ITB)
Норберт Фибих, претседател на Германскиот туристички сојузФотографија: DW/P. Kouparanis

Бројот на Германци кои патуваат е голем како никогаш досега

И покрај не толку добрите бројки, туристичката бранша останува воздржано оптимистична. „Никој не може да зборува за темелна замореност од патувања“, вели Фибих. Рамковните услови се поволни - ниска стапка на невработеност и растечки плати кај многу Германци. Дали туризмот ќе може да ги оствари минатогодишните добри резултати, меѓутоа, останува отворено. Германците минатата година приватно потрошиле 1,67 милијарди евра за патувања, или - најмногу досега. Секој Германец на пат, дома или во странство, бил во просек 21 ден. И Германија станува сѐ попопуларна како туристичка цел: во 2015 година се забележани 436 милиони преноќевања, што е нов успех за браншата.

Туристичките работници се загрижени и за Европа. Поради растечкиот број бегалци дел од европските држави воведоа гранични контроли. Доколку пропадне Шенген, ќе биде погоден и туризмот. „Ние ги поддржуваме сите политички иницијативи за задржување на слободата на патување, без воведување нови контроли, зашто тоа не само што ќе ја погоди вкупната економија, туку ќе биде особено штетно за туризмот“, подвлекува шефот на БТВ Френцел.

ITB 2016 Flahne
Рекорд на 50. ИТБФотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Бегалската криза ќе биде тема на овогодинашната туристичка берза и на друг начин. Туризмот сака да се презентира и како потенцијален работодавач за бегалци. Веќе сега околу 30% од вработените во германската туристичка бранша имаат миграциско потекло.

Кризата во туризмот меѓутоа не значи и криза за најголемиот саем за туризам во светот ИТБ. За 50. роденден на саемот во Берлин дојдоа околу 10.000 излагачи од 180 земји и региони во светот - што е рекорд!. Во 1966 година саемот почна со само 9 излагачи од 5 земји.