1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

„Туристите го уништуваат нашиот град“

Сантиаго Саез
9 септември 2017

Околу 30 милиони туристи ја посетиле Барселона во 2016. година, добро за економијата, но кај жителите револтот прерасна во побуна, зашто се соочени со другата страна од медалот.

https://p.dw.com/p/2iq2H
Spanien Barcelona Protest gegen Tourismus
Фотографија: picture-alliance/Ciutat per qui l'habita

„Дојде речиси до тепачка. Туристите почнаа со забава уште во два часот попладне и на барањето на соседите да престанат со гласна музика, стана тензично. Среќа, полицијата стигна навреме, па ништо не се случи“, раскажува Анабел Херера. Таа е новинарка и ни раскажува дека станот изнајмен на туристи на првиот кат од нејзината зграда прво бил неважен детаљ, но сега е веќе ноќна мора за сите станари: „Кога се вселував во мојот изнајмен стан, агентот за посредување ми рече дека два ката под мене стан се изнајмува на туристи, но не можев ни да замислам дека тоа може да води до лудило.“

Херара раскажува као ситуацијата полека излегувала од контрола: „Туристите доаѓаат на фестивали, на луди забави пред венчавка или едноставно-евтино да се испијанат. Понекогаш довлекуваат и проститутки“, се жали таа. Тој стан кој им се дава под кирија на туристи е легален и постои телефонски број каде некој треба да се обрати во случај на создавање бучава или несоцијално однесување. Но, и ѕвонењето на тој број не ја поправа работата: „Понекогаш едноставнио нѐ игнорираат. Понекогаш некој и доаѓа, но штом си замине, лудирањето продолжува. Јас работам од дома, а како, кога под мојот прозорец секој ден трае дивеење?“

Туристите - проблем за Барселона

Испитување на јавното мислење во јуни утврдило дека туризмот им е голем проблем на граѓаните на Барселона, поголем и од невработеноста. Резултатот многумина изненадил, но не и жителите на градот, кои секојдневно со години тоа меѓусебно го дискутираат.

Градската власт не може да биде обвинета за неактивност: по изборот во 2015. година, една од првите мерки била прогласување мораториум на издавањето на сите нови дозволи за хотели. Годинава тоа прерасна за целосна забрана за отворање нови хотели, дури и ако некој бил само привремено затворен. Ако некој сака да отвори нов хотел, може тоа да го направи надвор од границите на градот.

За многумина граѓани на Барселона тоа не е доволно. Наместо хотели, сега на туристите им се изнајмуваат станови, и легално и нелегално. Даниел Паридо е член на друштвото „Стариот град не е на продажба“ и се жали дека тоа е закана и за граѓаните кои живеат во изнајмени станови, посебно ако на газдата му се жалаат на бучавата од туристичките соседи: „Сопствениците тогаш одбиваат да им го продолжат договорот на незадоволните станари или им ја покачуваат станарината.“

Spanien Proteste gegen Tourismusmanagement in Barcelona
Протести поради туристите во БарселонаФотографија: picture-alliance/dpa/AFP/L. Gene

Туристите на газдите им се помили од станарите

„Чувствуваме дека нѐ протеруваат од делови на градот“, се жалат граѓани на Барселона. Паридо предупредува дека тоа не е единствен проблем. Туристите ја менуваат целата околина и квалитет на живот: „Локалните продавници исчезнуваат и на нивно место доаѓаат продавници за туристи, тие за нас се целосно бескорисни и многу поскапи, наменети се за џебовите на туристите. Стана неможно да се најде место во градот за нешто да се испие или јаде по разумна цена“.

Туристичките работници од Барселона, се разбира, ги отфрлаат обвинувањата. Енрике Алкантара е претседател на Здружението на изнајмувачи на туристички апартмани на Барселона и не верува дека туризмот е толку голем проблем за градот. Тој истакнува дека редоследот на грижи кај луѓето е поинаков. Луѓето го доживуваат турзимот како проблем, но ако ги прашате за нивните лични грижи, тогаш одговорт е поинаков. Тоа е и точно, според анкетата, на прашањето за личните грижи, луѓето првенствено наведуваат други, меѓу кои најважната е невработеноста, а туризмот тука паѓа дури на десетто место.

Големи пари

„Бројот апартмани кои им се нудат на туристите е намален во однос на лани, зашто кампањата за нивно затворање покажува резултат. Истовремено, не е издадена нова дозвола за изнајмување веќе десет години, затоа не мислам дека тие станови се виновни за недостатокот станбен простор за граѓаните“, потенцира Алкантара. Според него, најголем проблем е илегалното изнајмување станови на туристите преку бројни интернетски портали. Помалку од еден процент од жалбите стигнати до градската управа биле за станови кои се легално издадени.

Крајниот аргумент на сите туристички работници секогаш е приходот кој го носат туристите, па какви и да се тие. Со нејзините 30 милиони гости годишно, тоа секако се однесува и на Барселона. Тој сектор донесува речиси 17 проценти од приходите на градот, а туристичкиот сектор годинава во Каталонија создал 80.000 работни места, најголем дел токму во Барселона.

Spanien Barcelona Touristen
Фотографија: Imago/Agencia EFE/A. Garcia

Работни места, но какви?

Марти Сарате е претседател на Здружението на специјализирани туристички агенции во Каталонија и е уверен: „Мислиме дека туризмот повеќе е решение отколку проблем. Има многу други стопански сектори кои се поврзани со туризмот и кои исто така создаваат работни места.“ Тој признава дека туризимот може да создаде „одредени проблеми во одредени ситуации,“ но ги повикува граѓаните да размислат што е добро за градот, а не само за нивното соседство.

Ништо од тоа не може да го увери Даниел Паридо: „Да, туризмот произведува нови работни места, но какви? И какви исчезнуваат поради туризмот? Условите на работа се сѐ полоши, а во тој сектор речиси нема никаква сигурност за работните места. Што значи тогаш тоа за градов?“

За овој граѓанин на Барселона во градот нема место за нови туристи: „На секој кој планира да дојде во Барселона би му порачал порадо да отиде на друго место. Прво, затоа што тоа немивновно го зголемува социјалниот проблем, но и затоа што тоа едноставно не се исплаќа. Сѐ повеќе наши знаменитости кои ги посетува просечниот турист, спаднаа на ниво на евтин забавен парк“.