1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тројца научници ја поделија Нобеловата награда за медицина

Б. Георгиевски/ап5 октомври 2015

Тројца научници ја поделија годинешната Нобелова награда за медицина, за своите откритија во борбата против маларијата и други тропски болести

https://p.dw.com/p/1GiuC
Фотографија: J. Nackstrand/AFP/Getty Images

Тројца научници од САД, Јапонија и Кина ја добија годинешната Нобелова награда за медицина за откривањето на лекови за борба против маларијата и други тропски болести кои погодуваа стотици милиони луѓе секоја година.

Нобеловиот комитет им ја додели наградата на Вилијам Кембел, американски научник со ирско потекло, Сатоши Омура од Јапонија и Ту Јују- првиот кинески лауреат во медицината.

Кембел и Омура се наградени за откривањето на „авермектин“, лек и терапија за инфекција предизвикана од црвни паразити кои напаѓаат милиони луѓе во Африка и Азија.

Ту Јују е наградена за откривањето на нова терапија против маларијата преку агентот „артемизинин“.

„Двете откритија му дадоа на човештвото ново силно средство за борба против овие болести кои погодуваат стотици милиони луѓе годишно. Последиците во смисла на подобрување на здравјето на човекот и намалување на страдањата се немерливи“, оцени Комитетот.

85-годишниот Кембел кој е во пензија, минал 33 години во фармацевтската компанија Мерк, и изјави дека е изненаден од наградата.
„Тоа беше тимска работа на луѓето од Мерк“, рече тој.

80-годишниот Омура не беше сигурен дека ја заслужил наградата. „Многу научив од микроорганизмите и зависев од нив, па порадо би им ја дал наградата на микроорганизмите“, рече Омура.

Најголемо внимание предизвика лауреатот од Кина, Ту. Таа преку традиционална хербална медицина пронашла анти-маларичен агент, артемизинин кој бил многу ефективен против маларијата.

Добитниците на наградата ќе поделат околу 960 илјади американски долари, од кои половината ќе му припадне на двоецот Кембел и Омура, а втората половина на Ту. Сезоната на објавување на добитниците на Нобеловите награди започна денеска во Стокхолм, а следуваат доделувањето на наградата за физика- утре, и за хемија во среда на 7 октомври.