Трогателно простување од Мандела во Јоханесбург
10 декември 2013„Долго да живее духот на Нелсон Мандела“, извика говорникот кој ја отвори церемонијата, политичарот од АНЦ, Сирил Рамафоса, на фудбалскиот стадион во Јоханесбург. Јужноафриканскиот екс-претседател Нелсон Мандела почина во четвртокот на 95 години по долгогодишно боледување.
„Тој беше нашиот учител, нашиот ментор, тој ја изгради нашата нација“, истакна Рамафоса.
Американскиот претседател Барак Обама ги спореди политичките постигнувања на носителот на Нобеловата награда за мир, Мандела, со животното дело на основачот на индиската држава Махатма Ганди, големиот американски претседател Абрахам Линколн и борецот за човекови права, Мартин Лутер Кинг. Заслугите на Мандела за слободата и демократијата се во редот на овие историски великани, изјави Обама на комеморацијата.
Меѓу почесните гости на неа беа и германскиот претседател Јоахим Гаук, францускиот претседател Франсоа Оланд, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, кубанскиот лидер Раул Кастро, бразилската претседателка Дилма Русеф.
Бан Ки Мун во своето излагање ја истакна способноста на Мандела за помирување:
„Тој ја покажа извонредната моќ на простувањето, обединувајќи ги луѓето“, рече Бан, укажувајќи на присутните:
„Погледајте околу себе на стадионот. Овде гледате водечки луѓе со сосема спротивни ставови, припадници на сите општествени слоеви, сите овде се обединети“.
Церемонијата во Јоханесбург започна со интеррелигиозна молитва, во која учествуваа христијански, муслимански и хинду-свештеници. Во неа тие ја величаа борбата на Мандела за слобода и неговата желба за помирување.
Првите учесници на манифестацијата пристигнаа со часови пред почетокот, носејќи ги националните бои, некои завиткани во јужноафрикански знамиња, пеејќи и танцувајќи песни од движењето против апартхејдот.
Во целата земја комеморацијата беше пренесувана на големи платна, телевизијата и радијата ја пренесуваа во живо. Околу и во стадионот во Јоханесбург беа воведени огромни мерки на безбедност. Покрај полицијата, ангажирани беа илјадници војници на јужноафриканската армија и приватно обезбедување. По манифестацијата телото на Мандела ќе биде пренесено во Преторија, каде тој во 1994 година положи заклетва како прв јужноафриакнски претседател со црна боја на кожата. Мандела ќе биде погребан в недела, во неговиот роден град Куну.