1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието пред распуштање, а ДИК допрва на терен

Катерина Блажевска28 март 2016

Доцнењето со прочистувањето на Избирачкиот список беше една од причините за одложување на изборите на 24-ти април. Аналитичари и дипломати предупредуваат на можна реприза на ваквата состојба.

https://p.dw.com/p/1IKhK
Фотографија: MIA

Изборните рокови притискаат, тензиите растат. За изборите да се одржат на 5 јуни, според законскиот рок, парламентот треба да се распушти на 7-ми април. Дотогаш остануваат само десет дена и незавршени обврски. ДИК дури од денеска ќе ја започне теренската проверка на околу 89.000 неконзистени гласачи, која ќе ја спроведат 374 анкетари. Се` уште се прават консултации дали и како ќе се проверат 124.000 гласачи, за кои првично беше одлучено дека нема бидат предмет на теренска проверка. Ако се има предвид дека гласачите кои нема да бидат затекнати од анкетарите на адресата на живеење, потоа ќе треба сами да се јават во подрачните единици на ДИК, извесно е дека дека теренската проверка ќе потроши дополнително време. Притоа, не е утврдена методологијата со која констатираните спорни гласачи ќе се бришат од списокот. За дел од нив тоа ќе може да го стори МВР, но ако за дел треба да се спроведе управна постапка, тешко е да се предвиди колку тие процедури ќе го пролонгираат процесот.

Токму доцнењето со прочистувањето на Избирачкиот список беше една од причините поради кои во февруари се одложија изборите закажани на 24-ти април. На можна реприза на ваквата состојба сѐ почесто предупредуваат аналитичари и претставници на дипломатскиот кор во земјата.

„Времето е кратко, а има уште многу работа да се заврши“, изјави германската амбасадорка во Скопје, Кристине Алтхаузер.

„Државната изборна комисија треба да биде поддржана од сите институции за да ја заврши работата навреме. Вкрстените проверки се направени, договорени се теренски проверки. Сега клучната работа е имплементацијата. Понатаму, веднаш е потребна јасна методологија за тоа како да се отстрани тоа што нелегитимно е впишано во Избирачкиот список. Уште многу работа е потребна“, вели Алтхаузер.

ДИК мора да има план!

Ако се погледнат изјавите од ДИК во изминатите два месеца, евидентно е дека нивните оптимистички прогнози не се потврдија во реалноста. Ниту за брзината на вкрстената проверка на базите со податоци, ниту за рокот за нејзино завршување. И теренска проверка почнува подоцна од очекуваното.

„Донекаде загрижувачка е работата на ДИК од неколку аспекти“, оценува аналитичарот Сашо Клековски.

„Првиот е релативната бавност во работата. По повеќе денови од завршеното вкрстување на базите на податоци, не е започната теренска проверка која можеше да се организира веднаш да започне. Вториот, е недоволната транспарентност и комуникација со јавноста. ДИК мора да има информативна кампања со цел градење на доверба кај граѓаните во Избирачкиот список. Третиот, е недоволната подготовка за различни сценарија - какви мерки треба да се преземат во одредена ситуација. ДИК мора да има план како ќе го заврши прочистувањето на списокот во законскиот рок. Потребни се повеќе луѓе, поголем буџет, целодневни заседанија? ДИК мора да има план што ако не успее со проверка на сите спорни гласачи, на пример, правење на листа со спорни гласачи за зголемен надзор. ДИК мора да направи сѐ што е потребно избирачките листи да не бидат пречка за одржување на изборите“, дециден е Клековски.

Но, тоа не е единствениот проблем. Во место тапка и остварувањето на другите неопходни услови за фер-избори, кои беа оценувани од гарантите на пржинскиот договор - ЕУ и САД. Во однос на регулацијата на медиумите и одвојувањето на партијата од државата, до денес нема никаков напредок. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најави дека до Собранието ќе достави предлог-закон за медиумите, но неизвесно е дали тој ќе добие поддршка од пратениците во краткиот период што останува до распуштањето на Собранието. Во собраниска процедура требаше да влезат и измените на т.н. закони за „бомби“ и за „свиркачи“, по стручното мислење што за нив го даде Венециската комисија. Брисел и Вашингтон апелираа тие измени да се имплементираат пред да се распушти Собранието, но тој апел до денес е проследен со молк од страна на власта.

Гаранциите ги исклучуваат условите?

Сето ова создава неизвесност во какви услови ќе се одржат предвремените избори, особено што при нивното последно одложување лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, рече дека добил гаранции за „бетонирање“ на датумот 5-ти јуни.

„Претставниците на ЕУ и САД нѐ убедија во 4 работи: прво, дека ова ќе е единствено пролонгирање и дека нема да има ново. Второ, дека до изборите на 5-ти јуни повеќе нема да има разноразни преговори за организирањето на изборите, бидејќи и тие сега веруваат дека ДИК ќе има доволно време да ја заврши работата со прочистување на Избирачкиот список. Трето, дека нема да има поставувања на никакви нови услови за одржување на изборите на 5-ти јуни, вклучувајќи го и законот за медиуми. Четврто, дека нема да има нови проценки за тоа дали земјата е подготвена или не за избори од страна на ЕУ и САД, затоа што со поместувањето на датумот овие нешта се апсорбирани. Добивме уште едно цврсто уверување од претседателот на ДУИ, Али Ахмети, дека стојат цврсто за одлуката за избори на 5-ти јуни, со или без СДСМ“, изјави Груевски во февруари.

Според ова, распуштањето на парламентот воопшто не е поврзано со исполнувањето на другите услови за фер-избори.

„За какво распуштање на Собранието може да зборуваме во овој момент?“, реторички прашува Ивон Величковски, претседател на Либералната партија.

„Откако се виде дека исполнувањето на обврските на Пржино е само формално, па и тоа е неволно, откако се виде дека од 350.000 спорни гласачи прочистувањето на списокот спадна на 89.000 илјади теренски проверки, зарем денес некој верува дека ќе имаме пречистен Избирачки список? Или можеби некој гледа суштински медиумски реформи? Да бидам прецизен: ако на 7-ми април Собранието биде распуштено, нема суштинско спроведување на ниту една обврска до крај. Самото распуштање во вакви услови би претставувало завршен чин на сочување на постојниот поредок на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Со распуштено Собрание, а со отворено прашање на Избирачкиот список, изборниот исход е оставен на милост и немилост на Груевски и Ахмети. Зошто Заев се согласува со такво нешто - не знам, но прашањето е добро“, потенцира Величковски.

Mazedonien Wahlkommission (DIK)
ДИК дури од денеска ќе ја започне теренската проверка на околу 89.000 неконзистени гласачи, која ќе ја спроведат 374 анкетариФотографија: Agentur MIA

ДИК да се изјасни пред 7-ми април!

Но, според изјави на амбасадорите во Скопје, гарантите на Договорот не кренале раце од исполнувањето клучните критериуми. Во однос на реформските медиуми, Избирачкиот список и одвојување на државата од партијата, амбасадорката Алтхаузер очекува нивна реализација.

„Неопходни се одлуки и мерки кои треба да се донесат и преземат. Ќе повторам тие треба да бидат донесени, и да бидат преземени што е можно поскоро. Очигледно е дека преговорите за медиумите во соработката со медијаторот од ЕУ Питер Ванхауте завршија. Сега процесот треба да биде рестартиран, треба да почне. Како ќе се случи тоа, треба да одлучат сите инволвирани партии. На крај, на партиите останува да ги донесат потребните одлуки. ЕУ, земјите членки на унијата, САД може да понудат помош, но одлуката ја носат партиите кои се инволвирани“, изјави Алтхаузер.

Во домашната јавност спласнаа очекувањата дека може да се донесат какви било значајни законски проекти во краткиот период до распуштањето на Собранието. Аналитичарот Сефер Тахири е уверен дека Собранието ќе се распушти на 7-ми април и дека ДИК ќе направи големи напори да ја изврши теренската проверка, но не е голем оптимист дека тој процес ќе даде реални ефекти.

„Сметам дека опозицијата нема да може да го издржи притисокот на владејачките партии за избори во предвидениот рок. Како резултат на тоа, Македонија сепак ќе оди на избори на 5-ти јуни. Но, за мене изненадување е фактот што не само власта, туку и опозицијата на некој мистериозен начин се откажа од медиумските реформи, а без промени во овој сектор изборите нема да бидат докрај праведни и демократски. Мој личен став е дека Македонија ќе оди на уште едни избори, за жал, без да се создаваат вистински демократски предуслови, а најголемата одговорност ја има власта“, вели Тахири.

Заради создавање услови за фер-избори, кои ќе бидат признати и од домашната јавност и од меѓународната заедница, политичари и аналитичари укажуваат дека неколку дена пред датумот за распуштање на Собранието треба ДИК да излезе со официјален став дали може навреме и квалитетно да го прочисти и ажурира Избирачкиот список. Од таа изјава да зависи дали ќе се промени одлуката за избори или ќе распушти парламентот, и кој ќе ја преземе одговорноста за тоа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема