1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Третиот дуел не донесе никакви изненадувања

Кристина Бергман16 октомври 2008

Кандидатите за претседател на САД, Барак Обама и Џон Меккејн, го завршија и третиот телевизиски дуел. Според анкетите поголемиот дел од Американците го сметаат помладиот Обама за победник во дуелот.

https://p.dw.com/p/FbLd
Барак Обама и Џон МеккејнФотографија: AP

Трите дуели пред камерите не донесоа никакви содржински изненадувања. Оние кои ги познаваат подобро изборните програми на двајцата главни кандидати, немаа што ново да чујат. Но, целта на трите соочувања пред милионите ТВ гледачи имаше друга цел, имено избирачите да ги видат подобро карактерните црти на двајцата политичари.

Кај демократот Барак Обама се гледаше дека нема големо искуство во политиката, но затоа беше воочливо дека е многу амбициозен. На патот кон Белата куќа тој си дозволи малку грешки и покажа во повеќе ситуации дека може брзо да учи. Така на првиот дуел тој премногу му одобруваше на соперникот Меккејн. Тоа во вториот и третиот настап пред камерите не си го дозволи. Обама се претстави како мирен и суверен, што и не беше многу тешко кога се знае дека последниве недели анкетите на јавното мнение покажуваат негово уверливо водство.

Џон Меккејн не успеа да ја одржи предноста во анкетите што ја имаше по партиската конвенција на која што беше инаугуриран за главен кандидат на републиканците. Тоа се должи на клучниот проблем во неговата кампања, имено, тој со голема гордост се прикажуваше како политичар кој по повеќе прашања има поинаков став отколку партиската база. Меккејн се покажа како независен и отворен за сојузи и со политичарите од редовите на Демократската партија. Тоа не им се допадна на традиционалните поддржувачи на Републиканската партија, чиј што кандидат и е!

3. TV-Debatte zwischen Obama und McCain in Hempstead
Од синоќешниот дуелФотографија: AP

За да и’ се додвори на базата тој ја именуваше „полнокрвната“ републиканска политичарка Сара Пејлин за кандидатка за вице претседател. Со тоа ја постигна барем делумно целта, но затоа ги исплаши независните бирачи, на кои претходно им се додворуваше со дистанцирањето од конзервативните ставови на сопствената партија. Таквите противречности во основната линија на Меккејн станаа видливи и во телевизиските дуели.

Но, гласачите уште не изглегле пред кутиите и Обама, покрај предноста во анкетите на јавното мислење, уште ни од далеку не станал американски претседател. Искуството покажува дека таквата предност може да се стопи до денот на изборите на 4. ноември. И што е уште поважно, никој не може да каже дали обичниот Американец ќе ги надмине сие предрасуди и ќе се реши да гласа за првиот црнец на највисоката функција во државата. Можно е токму поради тој факт многумина да гласаат за неговиот соперник, иако тоа нема да бидат изрази на симпатија и политичка поддршка за Меккејн. Но, Меккејн не може да игра само на таа карта, туку мора да се обиде да ги увери сограѓаните дека неговата политика е сепак подобра. При тоа мора да се каже дека најдобрите шанси за тоа веќе ги пропушти во изминатите ТВ дуели со Барак Обама.