1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп не трпи веќе противречење во Белата куќа

Александра фон Намен
14 март 2018

Со Рекс Тилерсон, САД губат еден умерен глас во кабинетот на Трамп. Неговиот наследник е познат како тврдолинијаш, сосем по вкусот на американскиот претседател. Нималку добри изгледи за Европа, смета Александра фон Намен

https://p.dw.com/p/2uHYM
Donald Trump, Rex Tillerson
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E.Vucci

Отказ преку Твитер  - начинот на кој што американскиот претседател го отпушти својот министер за надворешни работи, претставува шлаканица в лице за поранешниот топ-менаџер во Стејт департментот. Без почит и понижувачки. Со месеци се шпекулираше околу тоа кога Тилерсон ќе мора да замине. Но, тоа што заминувањето се случи токму во сегашниот момент, ќе им наштети на САД.

Рекс Тилерсон немаше дипломатско искуство и имаше многумина непријатели во сопственото министерство, но во странство стекна почит. Неговото застапување умерени позиции и повременото противречење на претседателот, на пример во поглед на Северна Кореја и Иран, постојано го лутеше Трамп. 

Повремено, претседателот даваше на знаење дека САД со еден „гениј“ како него во Белата куќа, всушност немаат воопшто потреба од влада. Зашто, важен е само тој. Мегаломанијата и наивноста кај овој претседател одат рака под рака!

Повеќе на темата: 

Економската политика на „пубертетлијата“ Трамп

Една година Трамп - време за искрено соочување

Помош во реализацијата на „Америка на прво место“

Преку Мајк Помпео, Доналд Трамп сега во Министерството за надворешни работи инсталира хардлајнер, кој уште сега се смета за помошна алатка во реализирањето на политиката на претседателот под мотото „Америка на прво место“. Рекс Тилерсон беше против напуштањето на Парискиот климатски договор, Помпео напротив не верува во промена на климата. Исто како и Трамп.

Тилерсон аргументираше дека интерес на САД е да не се откажат целосно од Нуклеарниот договор со Иран. Помпео час поскоро би го анулирал „катастрофалниот дил“, како што го нарекува. Исто како и Трамп.

von Nahmen Alexandra Kommentarbild App
Александра фон Намен

Крај на Атомскиот договор со Иран?

Наскоро може да дојде до тоа. Неодамна американскиот претседател се жалеше дека разговорите околу промена на Договорот премалку напредуваат. Можно е тој да ја искористи следната проверка на реализацијата на Атомскиот договор во мај за своите закани да ги претвори во дела. Последиците би биле драматични не само за Блискиот и Средниот Исток, туку и за САД и Европа.   

На каков начин тогаш меѓународната заедница би ја кочела атомската програма на Иран? И со какви аргументи би бил поттикнат севернокорејскиот режим на сериозни преговори? Имајќи ги пред очи договорите, кои и покрај тоа што се почитуваат од спротивната страна, актуелниот американски претседател може да ги откаже во зависност од своето моментно расположение?

Вревата како стратегија

 

Трамп и севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун планираат заедничка средба уште во мај. Токму затоа, ќе беше попаметно ако се почитуваше континуитетот во Министерството за надворешни работи. Тилерсон во севернокорејската криза од самиот почеток беше глас на разум, претпочитајќи употреба на дипломатски средства наместо ѕвечкањето на сабји, како што тоа го правеше Трамп.

Но, Доналд Трамп не е мудар тактичар, не е стратег. Тој вреви и беснее во моменти кога од внатрешнополитички причини се чувствува притеснет во ќош. И предизвикува надворешнополитички штети. Неговата агенда засилено ги изолира САД и им отежнува на Европејците и на другите американски партнери во Вашингтон да гледаат партнер од доверба. Со заминувањето на Тилерсон, систуацијата ќе стане уште потешка.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид