1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и Путин како некогаш Буш и Горбачов

СН/ агенции
14 јули 2018

И покрај повиците за негово откажување самитот САД-Русија ќе се одржи според планираното, потврди Белата Куќа. Властите во Финска пак соопштија дека средбата Трамп-Путин ќе биде во претседателската палата во Хелсинки.

https://p.dw.com/p/31RJR
Deutschland Trump trifft Putin
Фотографија: picture alliance/dpa/AP/E. Vucci

Претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, ќе се сретнат во понеделник во една од финските претседателски резиденции, палата со поглед на Балтичкото море, во Хелсинки, во која и порано средби имале претседателите на САД и Советскиот сојуз, соопштија синоќа официјални претставници на властите во Финска.

Кабинетот на финскиот претседател Саули Нинисто објави дека Трамп и Путин ќе се сретнат во претседателската редизденција од 19 век која „може да се погоди со камен“ од строгиот центар на Хелсинки.

Трамп и американската прва дама Меланија, ќе се сретнат на појадок со претседателот на Финска Нинисто и со неговата сопруга Јени Хаукио. Соопштено е оти Нинисто ќе има билатерален состанок и со Владимир Путин.

Повеќе:

-Трамп, Путин и моќта на спонтаноста

-Путин ќарува, Трамп - не

-САД: Русија замешала прсти во претседателските избори

Во истата претседателска резиденција во Хелсинки во 1990 година се сретнаа и тогашните претседатели на САД и Советскиот Сојуз, Џорџ Буш и Михаил Горбачов. Белата куќа инаку потврди дека состанокот меѓу Трамп и Путин, ќе биде одржан според планираното, и покрај повиците да биде откажан. „Ќе има состанок“, изјави портпаролката Сара Хакаби Сандерс.

Обвиненија за руско мешање во изборите во САД

Претходно лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, повика на откажување на самитот поради обвиненијата за 12 наводни руски разузнувачи поради мешање во американските претседателски избори и хакирање на електронската пошта на демократите за време на американските избори во 2016 година.

Шумер рече дека тие обвинувања се „доказ за она што изгледа го разбираат сите освен претседателот, оти претседателот Путин е противник кој се мешал во американските избори за да му помогне на Трамп да победи“.

Тој рече оти Трамп требало да го откаже состанокот со Путин додека Русија не преземе чекори кои докажуваат дека во иднина нема да се меша во изборите. Сопред наводите на обвинението, 12 руски разузнувачи украле податоци на 500.000 американски гласачи. Американските разузнувачки агенции наведуваат оти руското мешање имало за цел да помогне на кампањата на Трамп и да нанесе штета на кампањата на Хилари Клинтон.

Руското министерство за надворешени работи го осуди американското обвинување. Во соопштението се наведува оти е „очигледна целта на обвиненијата е да ја расипат атмосферата“ пред закажаниот состанок на претседателите на двете земји.

За тоа во соопштението се обвнети „влијателни политички сили во САД кои се противат на нормализирање на односите меѓу двете земји и кои 2 години смислувале очигледни измислени клевети“.

„За жалење е фактот дека ширењето погрешни информации во Вашингтон стана стандард и оти се покренуваат кривични предмети поради очигледни политички причини“, наведено е во соопштението. Русија негира дека се мешала во американските избори.