1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Традициите и проблемите на Македонците-муслимани

23 ноември 2010

Во последниве неколку години еден дел од населението на Македонија станува цел на се’ позасилени процеси на однародување, заради одредени верско-политички интереси. Станува збор за Македонците-муслимани.

https://p.dw.com/p/Q69F
Традиционални танци во РостушеФотографија: Sveto Toevski

Страшко Стојановски од Правниот факултет на Државниот универзитет во Штип, во моментов докторант на Виенскиот универзитет токму во врска со оваа проблематика, предупредува на она што се случува на теренот: „Одредени делови на Македонија, како на пример тетовските села Урвич и Јеловјане, Бачиште во Кичевско, одделни населени места во Велешко, заедно со последниот пример на Лабуниште во Струшко, се албанизираат. Жупа се турцизира. Во последните години изразено силна е асимилацијата и во Скопје и скопско."

Dorf Urvich
Селото УрвичФотографија: Sveto Toevski

Латиф Пајковски од гостиварското село Жировница, поранешен пратеник во македонскиот Парламент, посочува на ситуацијата и во неговиот крај: „Деведесет проценти од населението се изјаснува како Македонци, без кажување на верската припадност. Но, Жировница се наоѓа во регион каде што се случува процес на губење на македонштината, како, на пример во Скудриње и други села, поради верско-политички интереси. Постои опасност тој процес да го зафати и македонското ткиво во Жировница. Многу е тешко ние во Жировница да го издржиме целото бреме, сиот притисок на припадници на политички партии и на одредени етнички заедници во земјата, кои пописите на населението ги гледаат како шанса да си го зголемат сопствениот број. Од друга страна, постои целосно игнорантски однос на институциите на државата, кои ги чувствуваат Македонците-муслимани како свои само кога им се потребни да прават калабалак за избори, или за некои други активности.“

Меѓутоа, мора да се одбележи фактот дека одделен број жители на тетовските села Урвич и Јеловјане со жестокост го бранат своето чувство дека „тие се Турци и ништо друго“, тврдејќи оти „лаже оној што ќе рече дека таму живеат Македонци-муслимани“. Други жители од овие две села, распослани високо во пазувите на Шар планина, сосема блиску до границата со Косово, тивко ќе ви кажат дека се, сепак, Македонци според род, иако исламизирани, но и оти се плашат јавно да се изјаснат кои се и што се.

На наредната страница прочитајте: Од кои причини се посега по идентитетот на Македонците-муслимани, зошто се оспорува етно-лингвистичката основа на тој нивен идентитет?

„Од политички причини: за доминација во одредени региони, населени со Македонци муслимани, како и заради полесен пристап и контрола на државните ресурси и институции. Во суштина, Македонците-муслимани не се прифатени во целост ниту од албанскиот, ниту од турскиот етнос, и покрај тенденцијата во одредени делови на државата да бидат албанизирани, или турцизирани. Шемата на асимилација се одвива исклучиво преку исламската религија и институции и најчесто тоа се засилува пред поголеми политички настани, како што се избори, или пописи“, одговара Стојановски.

Tetovo,eine Stadt in Mazedonien,Panorama
ТетовоФотографија: AP

Мирјана Мирчевска, професорка во Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, истакнува: „Државата и во оваа и во претходните години и децении наназад не водела никаква политика на интеграција на тоа население, ниту имало постојана работа со него во однос на неговата етничка македонска припадност, која е неспорна.“ Таа додава: „Политизацијата насочена кон македонското муслиманско население го достигнува врвот и на некој начин религиската припадност кон муслиманската вероисповед на заедница е многу поцврста во овој период отколку националната идентификација со македонскиот народ.“

Стојановски напоменува дека „и дел од самиот македонски народ не ги чувствува своите исламизирани сонародници како составен, природен дел на сопственото национално тело“ и дополнува: „Во голема мера е точно тоа дека што чувството на припадност кон православието кај македонскиот народ како да се трансформирало во извесна мера дури и во своевидна етничка карактеристика, така што оние што се Македонци, но исламизирани, се смета дека ’и не се баш Македонци’. Мнозинството од христијанскиот дел од македонската нација, се чини, не е подготвено да го прифати фактот дека и муслиман може да биде Македонец.“

„Се конструира вештачки ’торбешки етницитет’“

Експертите за Дојче веле укажуваат дека поединци, кои и самите са Македонци-муслимани, ангажирани во политиката, настојуваат од свои мотиви да формираат некаков нов вештачки етницитет, наречен „торбешки етницитет“, без тој да има поврзаност со македонската национална компонента.

Alte ausgestorbene Handwerke auf dem Bazar in Skopje Mazedonien Flash-Galerie
Во старата чаршија во СкопјеФотографија: Musliu

Исмаил Бојда, претседател на Републичкиот сојуз на Македонците со исламска религија, укажува која е целта на ваквите настојувања: „Тие сакаат со таквите теории да го раздробат македонското национално ткиво, македонското национално чувство кај нас, Македонците-муслимани. Но, таквите теории не се прифаќаат, ние не сме Торбеши, туку припадници на македонскиот народ.“

Професорката Мирчевска забележува: „Македонците -муслимани живеат во ендогамни, компактни заедници, што значи дека брачните врски во најголем број си ги засновуваат меѓу себе. Ова придонесува кон зачувувањето на македонскиот јазик и со оглед на таквиот начин на живот не очекувам дека ќе се однародат толку бргу.“

Латиф Пајковски се надоврзува категорично: „Не може да се искорени нешто што постои во душата, во срцата на ова население. Дојдете во август на која било свадба во Жировница, па според ората, песните, според обичаите на чистите македонски свадби ќе видите дека ситните профитерски и теснопартиски интереси не можат тоа да го искоренат.“

Нашите соговорници заклучуваат дека Македонија се наоѓа пред историска шанса, но и одговорност, конечно преку пописот во 2011 година со своите институции да ја утврди точната бројка на Македонците - муслимани, за кои се наведува дека ги има од 120 илјади до 150 илјади луѓе во овој момент во земјата.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска