1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Траги на скандалот со коњско месо водат и кон Германија?

ЖА/дв/дпа/дапд/афп/ртре19 февруари 2013

Аферата со коњско месо го стигна и водечкиот светски прехранбен концерн, „Нестле“. Тој повлече готова храна од Италија, Шпанија и Франција. Испорачаното месо потекнува од фирма од Германија, која демантира.

https://p.dw.com/p/17h5M
Фотографија: picture alliance / dpa

Скандалот со готови замрзнати прехранбени производи во кои наместо говедско месо, како што стои на пакувањата, е користено коњско месо, достигнува уште поголеми размери. Сега и швајцарскиот светски концерн за производство на храна, „Нестле“, мораше да реагира. Претпријатието повлече од регалите на супермаркетите во Италија и Шпанија неколку видови храна со тестенини, за која месото го набавило од германска фирма. При ДНК-анализите во равиолите и тортелините од типот „Буитони“ е откриено присуство на повеќе од 11 проценти коњско месо. Од оваа процентуална граница производот се смета за фалсификат или произведен со груба немарливост.

Контаминираното говедско месо, според „Нестле“, потекнува од германскиот лиферант „Шупке“. Од оваа фирма пак ја симнуваат одговорноста од себе. Портпарол на „Шупке“ соопшти дека тие се само преработувачи на месо, кои ниту вршат колење ниту ситнење на месото. Од фирмата негираат дека кога било купиле коњско месо, тврдејќи дека заедно со властите сега работат на расчистување на случајот.

„Нестле“ освен тоа повлече од продажба и готова храна во Франција. Се работи за готови лазањи произведени за гастрономијата.

Построги контроли

„Нестле им се извини на потрошувачите, најавувајќи подобрување и воведување во иднина на построги стандарди во следењето на синџирот на производителите и трговијата со состојките во нивните производи. За потрошувачите е сепак јасно, не постои закана по здравјето, тврди концернот.

„Нестле“ ги информирал надлежните служби во Германија и најави стопирање на големи пратки готова храна која содржи говедско месо од германските испорачатели.

Дисконтерот „Лидл“ во Германија пак исто така открил уште повеќе производи со коњско месо во својот асортиман. Запрена е продажбата на уште три производи. Како последица на скандалот со погрешно етикетирање на коњско месо во производите како говедско, министрите за заштита на потрошувачите на сојузно ниво и покраините во Германија вчера се договорија околу нов Акционен план од десет точки, во кој меѓу другото се бара означување на потеклото на месото во месните производи во европски рамки.