1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тим 6 - елитната единица што го уби Осама бин Ладен

7 мај 2011

Претседателот на САД Барак Обама им се заблагодари и им оддаде признание на командосите кои ја изведоа акцијата во која беше убиен Осама бин Ладен. Елитната единица која дејствува тајно сега е во фокусот на медиумите.

https://p.dw.com/p/119eh
Борбен тренинг на припадник на „Силс“Фотографија: picture alliance/abaca

Специјалната единица „Нејви Силс“ која е дел од морнаричката пешадија на САД, т.н маринци брои 2400 членови. „Тимот шест“, кој ја спроведе акцијата во која беше убиен лидерот на Ал Каеда пак важи за нејзина елита.

„50 проценти од оние кои се пријавуваат за ’Тимот број шест’ на ’Силс’ не проаѓаат на тестовите. Кога си во тој тим значи дека припаѓаш кон најдобрите“, вели Рајан Зинке. Тој бил повеќе од 20 години припадник на „Силс“, единицата чие име е всушност кратенка-акроним од зборовите море, воздух, земја (во оригинал Sea, Air, Land- SEALS) . Војниците во оваа специјална единица се ангажирани насекаде. Зинке минал најголем дел од службата во „Силс“ како припадник на „Тимот 6“ (Team 6), антитерористичка единица од командоси.

USA Elitetruppe Navy SEALS Kampftraining Hubschrauber
„Нејви силс“ во акцијаФотографија: picture alliance/abaca

Професионалци исчеличени во војна

Обуката за неа опфаќа меѓудругото пливање на долги патеки во океанот, еднонеделен борбен тренинг за време на кој на војниците им е дозволено севкупно само два часа спиење и специјално антитерористичко школување.

„Овие типови се професионалци. Кога постои закана тие ја напаѓаат целта. Тие се исчеличени преку војната, тие се во борба веќе десет години и имаат стотици операции зад нив“.

USA Elitetruppe Navy SEALS Kampftraining
Припадници на „Тимот 6“ при обукаФотографија: dapd

Зинке во деведесетите години меѓу другото бил и на Балканот. По војната во Босна тој со „Тимот 6“ таму ловел осомничени воени злосторници: „200 до 300 денови во годината си во акција, од година во година“.

Денес едно од главните подрачја на операции на „Силс“ и на „Тимот 6“ е Авганистан. Според медиумските извештаи анти-терористичкиот тим командоси таму во една американска база ја тренирал операцијата против Осама бин Ладен, каде била направена макета во реална големина од неговото засолниште. Според искуството на Рајан Зинке, во операциите како оваа против Бин Ладен се’ е испланирано до секунда со еден вид сценарио, во кое секоја и најмала активност е однапред предвидена и ништо не е оставено на случајност.

Преголема медиумска експонираност

Резервниот офицер во „Силс“, Ерик Грејтен добил информација дека „Тимот 6“ непосредно пред операцијата бил информиран против кого треба да дејствува: „Од сето што го знам, избило големо славје кога било објавено дека целта е Бин Ладен“, вели Грејтен.

Schlafzimmer Osama Bin Laden
Спалната соба на Осама бин Ладен по нападот на „Тимот шест“Фотографија: dapd/ABC News

Славјето по акцијата меѓутоа е ограничено. Додуша командантот на единицата „Силс“ им честитал на припадниците на „Тимот 6“, но, истовремено побарал од нив да останат смирени. „Битката се’ уште не е завршена“, ги цитираше американскиот печат неговите зборови. Со оглед на огромната медиумска помпа која владее во моментов во САД околу „Тимот 6“, одржувањето на тајноста ќе оди тешко смета Зинке: „Отворено да кажам бев многу зачуден, дека ’Тимот 6’ толку бргу се најде во медиумските наслови. Во овој случај е навистина паметно тие да останат непознати. Значи знаеме кој тим бил во акцијата, дури знаеме кој бил во овој тим и тоа веројатно е доволно“, вели Зинке.

Автор: Албрехт Циглер/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска