1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Техника на владеење - окупирај ги опозициските теми

Фолкер Вагенер
30 август 2017

Ангела Меркел едноставно ги присвојува клучните теми на опозицијата и така води многу успешна политика - и тоа не само во предизборната кампања. Покрај тоа, анкетите редовно ѝ даваат увид во расположението на народот.

https://p.dw.com/p/2j0qP
Berlin Tag der Offenen Tür der Bundesregierung | Platzschild Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Hirschberger

Пресврт: Откажување од нуклеарната енергија

„Кога ќе видам колку нуклеарни електрани се градат во светот, мислам дека навистина би била голема штета кога ние би престанале така да произведуваме енергија“, рече Меркел во 2009 година. Но, само две години подоцна, под впечаток на катастрофата во Фукушима во 2011 година, донесе токму таква одлука, најавувајќи брзо и дефинитивно напуштање на нуклеарната енергија во Германија. Тоа со децении беше клучно барање на Зелените. Докторката по физика оттогаш смета оти „ризиците од нуклеарна енергија не можат безбедно да се држат под контрола“.

Чао воена обврско- засега!

Дури и „светата крава“- воената обврска „страдаше“ во таа 2011 година, на големо разочарување посебно на конзервативните делови од нејзината партија - Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Меѓутоа, добар дел од младата популација ја фаворизираше професионалната војска и тоа Меркел не го пропушти. Но, бидејќи Германците воопшто имаат измешани ставови во врска со војската, моделот „граѓани во униформа" за почеток е само суспендиран.

Deutschland Merkel besucht den Windpark Baltic 1
Фотографија: Getty Images/G. Bergmann

Нов модел: татко, мајка, дете

За жал на многу конзервативци во ЦДУ, Меркел партијата политички прилично ја придвижи - од десно кон средина. За барањето „Малку повеќе црно!“ (црната е традицонална боја на ЦДУ) таа не сака да слушне. Наместо тоа, значително ја коригираше дури и традиционалната политика за семејството во партијата. Моделот „тато заработува, мама се грижи за домот и семејството“, престана да биде политички релевантен - откако постојат градинки и за деца помали од 3 години. Тоа истовремено е и реакција на целосно новата реалност на работното место и во општеството. Тоа беше барање на Левицата, но на хартија стои дека во живот го спроведе конзервативната канцеларка.

Изненадување: брак за сите

Колку канцеларката е политички флексибилна се гледа по темата „брак за сите“. Политичкиот барометар на јавниот сервис ЗДФ изненади на почетокот на летово со демоскопска сензација, имено, 73 отсто од Германиците поддржуват законска рамноправност на истополовите и класичните бракови. Дури и во партиите на Унијата (ЦДУ и сестринската баварска партија Христијанско-социјална унија-ЦСУ) за истополов брак беа 64 насто од членовите. Меркел секогаш беше против тоа, но СПД, Либералите и Зелените донесувањето на тој закон го поставија како услов за можна коалиција по изборите. Само неколку дена подоцна, Меркел своето категорично „не“ го промени во: „Секој пратеник нека гласа според совеста“. Историската одлука Бундестагот ја донесе на 30 јуни. Ангела Меркел гласаше против. Таа така може да каже дека не го променила својот став и покрај тоа „окупираше“ една важна тема во предизборната кампања.

Deutschland Bundestag Abstimmung über Ehe für Alle
Фотографија: REUTERS/F. Bensch

Прифаќање на реалноста: Германија е доселеничка земја

Со децении тука тоа се негираше, прикриваше, избегнуваше, а консензусот во партиите на Унијата беше дека Германија не би требало да биде доселеничка земја. Политичарите и самите сакаа да веруваат во тоа што го зборуваат - дека странците во Германија се само гостински работници, „гастарбајтери“. Меѓутоа, индустријата и економијата, како и демографите, веќе долга низа години укажуваат на фактот дека, поради малиот наталитет, на земјата ѝ се итно потребни нови граѓани. Всушност, речиси една четвртина од Германците има миграциско потекло. Значи, Германија која е одамна доселеничка земја, сега тоа и официјално стана. Исто така е и втора најомилена земја меѓу мигрантите по САД (дури и пред Трамп!). И кај таа тема Ангела Меркел го препозна духот на времето и ги спроведе барањата, пред сѐ на левичарската опозиција.

Bundeskanzlerin Merkel besucht Start-Up Kiron
Фотографија: pictrue-alliance/dpa/W. Kumm

Повеќе од обична реченица: „Исламот припаѓа кон Германија“

Тоа не е нејзина реченица, но оваа културно-политичка радикална конекција има нејзин благослов. Ја изговори нејзиниот партиски колега Кристијан Вулф во октомви 2010 година, кога беше претседател на државата. На таа аподиктична дефиниција најмногу се спротивставуваа сопартијците. И повторно канцеларката од ЦДУ се откажа од клучната позиција на конзервативците и водеше политика за левата половина од републиката. Оттогаш христијанско-западната култура на Германија е збогатена со ислам.

Bundeskanzlerin Angela Merkel Besuch BAMF Außenstelle
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. v. Jutrczenka

„Ќе успееме“- бегалци

Најголемото од сите изненадувања: Ангела Меркел ширум ги отвори вратите за бегалците - и тие во летото 2015 година дојдоа во големи бранови. Иронично е тоа што токму канцеларката на партијата на закон и ред, ЦДУ, допушти во земјата неконтролирано да влезат стотици илјади луѓе. Многумина Германци на почетокот беа воодушевени, левата опозиција фасцинирана, додека во ЦДУ многумина беа збунети. Кога се покажа оти ниту властите ниту многу доброволци со својата историска култура на добредојде не може да излезат на крај со приливот бегалци, Меркел ја смени позицијата. Повикувајќи се на Уставот, таа и натаму одбиваше да го ограничи бројот на бегалци кои Германија сака да ги прими, но сега одобрува депортирање во Авганистан. Контроверзниот договор со Турција, како и оние со други држави, драстично го намалија приливот на бегалци.

Нејзина вечна тема: климата

И климатските промени Меркел ги присвои како своја вечна тема. Со целта борба против глобалното затоплување таа освојува бодови не само дома, туку и во светот, особено откако Трамп истапи од Парискиот договор. Ангела Меркел важи за голема заштитничка на животната средина и Германците ја ценат, покажуваат анкетите. А конзервативната канцеларка повторно присвои една од клучните теми на Зелените и ја маргинализираше опозицијата.