1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терористичка келија во Бундесверот

БГ
10 мај 2017

Огорченоста е голема бидејќи ниту еден офицер наводно не знаел што се случува во касарната во Илкирх, пишува германскиот печат по апсењето и на вториот поручник. Келијата планирала напади врз водечки политичари.

https://p.dw.com/p/2cisc
Deutschland Soldat in der Grundausbildung mit Gefechtshelm in Parow
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer

„Со апсењето на уште еден војник се наѕира десничарската терористичка мрежа во Бундесверот“, пишува Шпигел на својот портал. Пред две недели беше уапсен Франко А., поручник на германската армија сместен во мешовитиот француско-германски баталјон во Илкирх кај Стразбур. Откриено е дека Франко А. уште пред една и пол година добил супсидијарна заштита од германската држава бидејќи се претставил како сириски бегалец! Оттогаш водел двоен живот, во касарната и во сместувањето за бегалци, планирајќи напади врз водечки политичари во Германија. Сега уште еден поручник од истиот баталјон е уапсен во Кел- 27 годишниот Максимилијан Т. кој, како што се наведува, го покривал Франко А. секојпат кога тој отсуствувал од касарната, глумејќи бегалец.
Претходно беше уапсен и студентот од Офенбах, Матијас Ф. во чиј стан е пронајдено поголемо количество оружје и муниција- украдени од касарната во Илкирх. Се верува дека тројцата, а можеби и други лица, создале десничарска келија и планирале напади огорчени поради приемот на стотици илјади бегалци во Германија. На еден список ги набројале имињата на 25 лица кои се потенцијални мети, меѓу нив и поранешниот претседател Јоахим Гаук и министерот за правда Хајко Мас. Според информациите на Шпигел, индициите укажуваат дека постојат уште лица кои знаеле или биле соучесници на групата. Притоа, медиумските извештаи укажуваат дека Бундесверот знаел за проблемот со десниот екстремизам уште од 2014 година.

Ursula von der Leyen
Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен на удар на критикитеФотографија: picture-alliance/dpa/F. Gentsch

Темата со денови го преокупира германскиот печат. „Во бројката од околу 180 илјади војници, двајца уапсени засега се поединечни случаи кои зад сигурните ѕидини на касарната ги негувале своите десничарски погледи и за тоа разговарале со истомислениците. Сепак, голема е огорченоста што ниту еден војник, инструктор или повисок офицер наводно за тоа не знаеле ништо“, пишува Бадише нојесте нахрихтен. Овие случувања, пишува Велт, мора да бидат повод за „итно разјаснување и адекватни потези“, а не само за „„вообичаениот квантум на одвратност и огорченост“.
Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен, по апсењето на Франко А. рече дека во Бундесверот постои проблем во раководењето и во ставот. Не мина добро- веднаш и беше префрлено дека паушално ја осудува целата армија, дека ја отфрла сопствената одговорност и дека води кампања, па подоцна мораше да се огради.
Левичарскиот Тагесцајтунг тоа го толкува на следниот начин: „Со правењето врева околу министерката се пропушта можноста за пресметка со проблемот. Читањето приказни за осомничениот терорист Франко А. укажува дека тероризмот може да дојде од сите страни“.
Лајпцигер Фолксцајтунг исто така ја брани конзервативната политичарка: „Не е точно дека ресорната министерка само се обидува да се заштити себеси. Таа најавува дека го прифаќа предизвикот и дека нема да се повлече пред погрешно сфатениот дух на армијата. Фон дер Лајен сега повеќе не ги осудува трупите паушално, но и натаму инсистира на темелна обнова на демократските вредности во Бундесверот“.