1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тероризмот во Европа се менува

Николас Мартин / ЕМФ11 април 2016

И покрај тоа што бројот на напади во Европа од 70-тите години досега се намалува, луѓето се чувствуваат сѐ позагрозени. Како тоа оди едно со друго?

https://p.dw.com/p/1IMBu
По киднапирањето на Ханс Мартин Шлајер (Келн, 05.09.1977)Фотографија: picture-alliance/dpa

По Париз и Брисел, терористичките напади за многу Европејци станаа пореални и поблиску од кога и да е досега. Така е само според она како се чувствуваат, затоа што историјата на тероризмот во Европа вели дека тажниот врв на тероризмот не е денес, туку во 1979 година. Тогаш, како што велат истражувачите од Универзитетот Мериленд, се случиле повеќе од 800 напади во Европа.

Од 70-тите до крајот на 90-тите години на минатиот век секоја година се случуваа стотици напади. Неретко бројот на жртвите изнесуваше над 150 годишно. За споредба: минатата година, од европски аспект, со нападите врз сатиричниот весник Шарли Ебдо и терористичката серија од 13 ноември во Париз, се смета за особено мрачна. Во 2015 година во напади во Европа загинаа околу 147 луѓе. Ваквиот број жртви во последните 10 години е исклучок.

Стар и нов тероризам

Поглед во минатото: терористички организации како националистичката ИРА во Ирска, баскиската ЕТА во Шпанија, комунистичките Црвени бригади во Италија или левичарско-екстремната РАФ во Германија, како и други неевропски терористички ќелии претставуваа голем предизвик за европските влади во 70-тите и 80-тите години на минатиот век. „Речиси секоја земја во тоа време имаше тероризам формиран во државата“, објаснува Ролф Топхофен, директор на Институтот за превенција на кризи во Есен.

Топхофен се занимава со меѓународни терористички струења повеќе од 30 години. Разликите меѓу тоа време и денес се недвосмислени. Тероризмот во 70-тите и 80-тите беше повеќе политички мотивиран. „Терористичките организации беа фиксирани на определени земји. Немаше прекугранични терористички феномени“, потенцира Топхофен. Групите како „Исламска држава“ или Ал Каеда денес дејствуваат од наводно верски причини. „Денес имаме повеќе религиозно мотивиран тероризам. Тој го злоупотребува името на исламот и настојува нападите да предизвикуваат голем шок“, вели Топхофен.

Bologna Anschlag Bahnhof 1980 Flash-Galerie
Напад врз железничката станица во Болоња во 1980 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Нови групи, нови цели

„Терористите сакаат многу гледачи, а не многу мртви“ - ова е цитат на истражувачот на тероризмот во САД Брајан Џенкинс од 1975 година. Нападите, како на железничката станица во Болоња, во кој загинаа 85 луѓе, или нападот со експлозив врз еден американски авион над шкотски Локерби со 270 загинати, не се вклопуваат во ваквата слика. Но, сепак, во 70-тите во фокусот на терористите беа пред сѐ политчиари или индустријалци, како што беше случајот со киднапираниот, а потоа и убиениот Ханс Мартин Шлајер од страна на РАФ. Тоа е темелно променето. „Денес се поставуваат бомби и се пука. Филозофијата на теророт бара 'Body-Count', односно тие сакаат да убијат или да повредат колку што е можно повеќе луѓе“, оценува Топхофен.

И преговорите со државата се минато. Така беше имено при киднапирањето на патничкиот авион Ландсхут во 1975 година.

Побрутални напади - поголемо внимание

Според податоците на Универзитетот Мериленд, во Европа бројот на терористички напади се намалува од 1979 година наваму. Но, тоа не значи дека автоматски има и помал број мртви. Така, на пример, во 2004 година во бомбашките напади врз регионалните возови во Мадрид загинаа 191 лица. Извршителите беа исламистички терористи. Во годината потоа следуваа исламистички самоубиствени атентати во сообраќајот во Лондон со 56 мртви и повеќе од 700 повредени.

Rolf Tophoven Autor und Terrorismusexperte
Ролф Топхофен, експерт за тероризамФотографија: picture-alliance/Eventpress/Rekdal

Сега, по 10 години пауза, тероризмот се враќа во Европа. Според мислењето на многумина, тој е посилен од кога и да е. „Во 70-тите и 80-тите години ја немаше оваа дигитална слобода како денес“, нагласува Топхофен. „Тероризмот денес продира уште подлабоко во свеста и психата на луѓето, зашто секој е сведок преку социјалните мрежи.“ Освен тоа, тероризмот во 70-тите и 80-тите години ги избирал своите жртви поцелно отколку денес. Денес секој може да стане жртва. „Реченицата 'Да се биде во погрешно време, на погрешно место', за жал, повторно доби на значење“, вели Топхофен.

Иако во минатото имаше почесто напади отколку сега, експертот за тероризам оценува дека актуелниот зголемен степен на безбедност поради опасност од тероризам во Европа не е претеран. „Последните напади оставаат простор за стравување дека Европа повеќе влегува во визирот“.

Сепак, меѓународно погледнато, Европа е повеќе поштедена. За разлика од европскиот тренд, бројот на терористички напади во светот во периодот од 2001 до 2014 година е зголемен значително. Според базата на податоци на научниците од Мериленд, само 0,3% од нападите извршени во светот во последните 14 години се случиле во Европа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема