1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Температурите растат, невремињата се´ почести

15 август 2011

Метеореолозите и климатолозите ја сакаат статистиката, таа им помага да донесат важни заклучоци. Утврдија дека април годинава беше значително потопол, и дека има многу невремиња во регионите, во кои порано ги немало.

https://p.dw.com/p/12Gaz
Чести поројни врнежи од дожд летово беа честа слика во ГерманијаФотографија: dpa


Еве како во Метеоролошкиот завод во Германија гледаат на април:

„Април беше екстремно топол, со многу сонце и сув. Слична ситуација имавме двапати во последните пет години, всушност во 2007 и 2009 година. Просечната температура во април беше 11,6 Целзиусови степени, што е неверојатни 4,2 степени над просекот. Со тоа, овој април беше вториот најтопол од 1881 година."

Герхард Милер - Вестмајер е аналитичар за клима во Метереолошкиот завод. Освен температурата, тој ги бележи и другите екстреми, како што беа оние од минатото лето:

„Источна Германија ја погаѓаа поплави и тројно повеќе силни дождовни бури, отколку што е тоа вообичаено во тој период. Во Бранденбург и Саксонија такво нешто никогаш не е забележано. Можно е да бидеме сведоци на се´ пожестоки невремиња како што се наближуваме кон половината или кон крајот на овој век, бидејќи климатските промени земаат замав и во Германија.“

Рапидни промени на климата

Gerhard Adrian und Gerhard Müller-Westermeier
Герхард Адриан и Герхард Милер-Вестермајер, аналитичари на климатаФотографија: picture-alliance/dpa

Метеоролошките извештаи ги опишуваат моментните временски прилики или даваат временски прогнози за наредните денови. Наспроти тоа, климата ги осликува можните временски прилики на едно подрачје за многу долги периоди. Многу метеоролози воедно ја истражуваат и климата. Затоа често зборуваат за нејзината заштита, како претседателот на Метеоролошкиот завод Герхард Адриан:

„Минатата година не беше добра за заштита на климата, а тоа важи и за првото полугодие од оваа година. Човештвото во 2010 година емитуваше 31 милијарди тони јаглероден диоксид, што е тажен рекорд за атмосферата.”

Климатските промени би требало во глобала да значат повисоки температури, подигање на нивото на морето и топење на половите. Но, дали во Германија се забележува нешто од тоа? Без сомнение, вели метереологот Свен Плегер, еден од најпознтите водители на временската прогноза во Германија:

„Во последните сто години температурите во Германија пораснале во просек за 1,1 степени. Тоа не делува така страшно. Но, кога се знае дека од ледениот период досега температурите пораснале за само 4,5 степени целзиусови, тогаш е јасно дека денешниве промени се рапидни.“

Разни сценарија за климатските промени

Sommer in Deutschland
Туристичките места на северот на земјата останаа празниФотографија: AP

Критичарите на теоријата за климатските промени го доведуваат под сомнение фактот дека промените ги предизвикува човекот и тврдат дека и во Средниот век нагло станало потопло. Климатолозите не можат точно да ги предвидат натамошните промени. Тие имаат само можни сценарија, внесуваат разни податоци во компјутерот, кој потоа ги обработува и дава одредена прогноза. Тоа го знае и Свен Плегер:

„Планетата Земја е толку комплицирана структура, што не сме во состојба ниту одблиску да ги разбереме сите меѓузависности. Од друга страна, некои зависности се прифатливо докажани - пред се´ ефектот на стаклена градина и штетното дејство на јаглеродниот диоксид.“

За времето во Германија и поголемиот дел на Европа е важен односот на Северноатлантскиот антициклон и Исландскиот циклон. Ако преовладува полето на висок притисок, подрачјето помеѓу реките Рајна и Шпре е погодено со западни ветрови. Ако притисокот е понизок, во ова подрачје се пробиваат други ветрови, на пример од истокот. Тогаш временските услови стануваат поекстремни, што редовно се случува во последните години, вели Свен Плегер.

„Прашањето за климатолозите е дали Северноатлантската осцилација е негативна поради промените на климата или нема посебна причина за тоа? Треба да се анализира минатото и да се види дека нивото на притисокот на северот на Атлантикот често варирал.”

Будење на свеста за заштита на климата

Lebensmittelverschwendung Kartoffelbauer
Земјоделците не се задоволни од годинашниов род на компиритеФотографија: DW

Овие осцилации имаат и последици - почетокот на 2011 година беше премногу сув во Германија. Тоа го почуствуваа земјоделците чија што жетва беше слаба. Помалите компири и поскапиот леб повеќе ги загрижуваа луѓето отколку промените на климата во наредните 50 години. Всушност тоа го користеа борците за заштита на климата за да допрат до луѓето и нивните емоции. Плегер го критикува таквото палење на алармот и предупредува дека тоа може да и´ штети на дискусијата за климата.

Малиот, но значаен успех во борбата за климата веќе е постигнат: многу големи гардови веќе размислуваат „позелено”. Берлин, на пример, веќе направил план за заштита на климата кој опфаќа садење нови видови дрвја, повеќе зеленило на зидовите од куќите и повеќе површини без бетон. Тоа треба да обезбеди дополнителен кислород и повеќе ладовина за граѓаните.

Автор: Кај-Александер Шолц / Светлана Брик

Редактор: Симе Недевски