Телевизија А1 повторно со блокирана сметка
14 февруари 2011Во писменото соопштение од Основниот суд 1 се наведува дека решението за привременото замрзнување и задржување на паричните средства на банкарските сметки е до точно одредени износи, за секое правно лице одделно, бидејќи правните лица и обвинетите како физички лица не поседувале доволно имот за обезбедување на бараните средства.
Спорна одлука според бранителите
За бранителите во случајот е спорно што одлуката се носи во услови кога Кривичниот совет препорача истражниот судија Владимир Туфегџиќ да ја донесе одлуката откако ќе биде готово вештачењето за утврдување на точната сума според која се замрзнуваат сметките. По првичната претпоставена сума од 4,4 милиони евра, Јавното обвинителство, во новиот предлог за блокирање излезе со околу три милиони евра претпоставена штета. Адвокатот Мирослав Вујиќ изјави дека во наредните три дена одбраната ќе поднесе жалба за новото решение на истражниот судија, за кое не им е јасно врз која основа било донесено.
Неизвесно што ќе донесе одлуката
Истражниот судија денеска остана недостапен за коментар. Дојче Веле повеќепати се обиде телефонски да стапи во контакт со него, но на повиците не одговараше никој. Новинарите во А1, кои по првичното блокирање на сметката на А1 во знак на протест програмата ја емитуваа од пред зградата на владата во Скопје, засега се воздржани. Главниот и одговорен уредник Младен Чадиковски, во телефонски разговор за ДВ изјави дека допрва ќе одлучат како ќе постапат. Деблокирањето на сметката на А1 беше клучниот услов на опозицијата за враќање на политичкиот дијалог.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Жана Ацеска