1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тврдолинијаш-шеф на израелската дипломатија?

Себастијан Енгелбрехт6 март 2009

Шефот на конзервативната Ликуд партија Бенјамин Нетанјаху води коалициoни преговори со десниот популистист Авигдор Либерман за формирање влада. Либерман е познат по своите тврди ставови кон Палестинците.

https://p.dw.com/p/H6vt
Либерман се‘ поблиску до властаФотографија: picture-alliance / maxppp / AP / DW-Montage

Авигдор Либерман стреми кон власт. Еден ден би сакал да биде израелски премиер. На тој пат сега сака да направи голем чекор, да стане министер за надворешни работи.

А тој е познат по барањето, палестинските затвореници да бидат удавени во Мртвото Море, а избраните арапски членови на израелскиот парламент да бидат погубени ако соработуваат со Хамас.

Според весникот „Хаарец“ Либерман ја бара функцијата без отстапки. На пример, тој не би се согласил ако идниот премиер Бенјамин Нетанјаху идните мировни преговори со Сирија му ги довери на некој политичар од Ликуд или некому друг го довери местото шеф на дипломатијата.

Дали Нетанјаху е свесен за последиците?

Нетанјаху и Либерман се сретнаа вчера за да водат коалициони преговори. Тие дадоа на знаење дека распределбата на министерски позиции не е никаква пречка за создавање нивна коалиција.

Но, Нетанјаху знае дека доаѓањето на Либерман на местото министер за надворешни работи во идната влада може да се развие во вистински проблем. Во октомври во Кнесетот се одржа проба на дипломатските способности на Либерман. Тогаш тој побара египетскиот претседател Хосни Мубарак да дојде во посета на Израел:

„Оној кој сака да зборува со нас, треба овде да дојде. Оној кој не сака да разговара со нас, нека оди по ѓаволите,“ рече Либерман.

Nahost Wahlen Benjamin Netanjahu Israel Wahlkampfveranstaltung der Likud
Во што се впушта Нетанјаху?Фотографија: AP

„Искусен“ дипломат?

Човекот, кој го праќаше моќниот египетски претседател Хосни Мубарак по ѓаволите, сега преку израелското радио се препорачува како дипломат на меѓународниот политички паркет.

„Во текот на последните години се сретнав со луѓе од цел свет, меѓу нив Кондолиза Рајс и Хавиер Солана, Тони Блер и Франк Валтер Штајнмајер. Мислам дека тие беа забележителни настапи, кои оставија добар впечаток. Затоа не гледам причина да не бидам министер за надворешни работи.“

Самодовербата на Либерман има причина. На изборите на 10 февруари неговата партија „Нашата куќа Израел“ стана трета по добиени гласови. Либерман и неговата фракција освоија 15 седишта во Кнесетот и се погрижија јавноста да ја почувствува нивната власт. Тие на претседателот на државата Шимон Перес му предложија да го именува Бенјамин Нетанјаху за мандатор и со тоа ја исфрлија од трка конкурентката Ципи Ливни од умерената партија Кадима.

Бран огорчување и револт

Но, помислата дека Либерман може да стане министер за надворешни работи предизвика огорчување, на пример кај Офир Пинес, пратеник во Кнесетот од Работничката партија:

„Нетанјаху реши да формира десна, радикална ортодоксна влада. Тој сериозно преговара со Авигдор Либерман за незамисливи работи, на пример местото шеф на дипломатијата. Човек, кој на египетскиот претседател му рече дека треба да оди по ѓаволите, сега треба да биде министер за надворешни работи.“

Пинес страхува дека Либерман во иднина може да ја прикрие својата вмешаност во перењето пари и корупциските афери. Ако му успее да ги добие местата за внатрешни работи и за правда за свои луѓе, може да се спаси од обвинение.