1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тачи: Иванов не може да го запре законот за јазици

Бахри Цани
23 јануари 2018

Во интервју за Дојче веле, косовскиот претседател Хашим Тачи ја критикува одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да не го потпише законот за јазиците. Таа одлука не може да се запре, вели Тачи

https://p.dw.com/p/2rNaT
Hashim Thaci, Präsident Kosovo Und bahri cani
Фотографија: DW/Bahri Cani

Косовскиот претседател Хашим Тачи смета дека одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да не го потпише законот за јазиците е „производ на надминат менталитет“. Тачи го критикува својот македонски колега, кој се изјасни дека законот за јазиците, така како што беше усвоен, содржи многу пропусти и неправилности. Иванов деновиве на 14 страници образложи што смета дека е во спротивност со Уставот и со Рамковниот договор во донесениот закон.

Тачи вели дека „високо го цени гласањето за официјализирање на албанскиот јазик“ во парламентот. Но одлуката на Иванов ја смета за „жална“.

„Што се однесува до одлуката на претседателот Иванов, тоа е за жалење. Таа одлука е производ на надминат менталитет, но и тоа прашање ќе биде затворено еднаш и засекогаш, без оглед на неговото мислење“, вели Тачи во интервјуто за ДВ.
Косовскиот претседател е убеден дека законот ќе биде донесен и тоа, според него, никој не може да го сопре.

„Дефинитивно, таа одлука помина и не може да се запре, без оглед на ставот на еден политичар, или носител на некоја функција“, вели Тачи.

Иванов смета дека законот за јазиците е дискриминаторски кон останатите етнички заедници во Македонија. Тој не се согласува со одредбите за двојазичност на поштенските марки, бандеролите и уплатниците, ниту со употребата на симболи од културното наследство на Албанците на книжните и кованите пари и на поштенските марки. Иванов нема забелешки на двојазичноста на униформите на полицијата, здравствените работници и пожарникарите во Скопје и општините во кои Албанците сочинуваат над 20 проценти од населението.

Дел од разговорот со косовскиот претседател Хашим Тачи во кој зборува за законот за јазиците во Македонија можете да го погледнете тука:

Тачи: Иванов не може да го спречи Законот за јазици