1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талер поднесе оставка на функцијата

21 март 2011

Пратеникот во Европскиот парламент и известувач за Македонија, Зоран Талер, поднесе оставка на функцијата, по корупцискиот скандал, кој го откри лондонскиот весник „Сандеј тајмс“.

https://p.dw.com/p/10dLD
Зоран ТалерФотографија: Petr Stojanovski

Аферата обелоденета од британскиот весник „Сандеј тајмс“, чии новинари претставувајќи се како финансиски лобисти, успеале да корумпираат тројца европратеници, словенечкиот Зоран Талер, романскиот Адријан Северин и австрискиот Ернст Штрасер, кои порано извршувале високи политички функции и во нивните земји, предизвика бура во Брисел, Стразбур и во многу европски престолнини.

Двајца од нив, Северин и Талер веќе поднесоа оставка.

За портпаролот на Европскиот парламент Џом Дуч обвинувањата изнесени во „Сандеј тајмс“ се тешки и Европскиот парламент ги сфаќа сериозно. „Европскиот парламент во моментов води истрага, што навистина се случи. Ние бевме информирани од еден весник, сега треба да се информираме од наша страна преку сите документи кои започнавме да ги добиваме“, изјави Џом Дуч за Дојче веле.

„Само откако ќе бидат утврдени фактите, Парламентот ќе ги преземе соодветните мерки. Но, тоа нема да биде веднаш, утре или задутре, потребни се неколку денови за да се спроведе сериозна истрага“, додава портпаролот на ЕП.

NO FLASH Sitzung EU-Parlament
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

За тоа дали оставките на европратениците ќе имаат последица за работата на ЕП, ако се знае дека Зоран Талер беше известувачот за Македонија и неговиот извештај треба да се разгледува за десетина дена во Стразбур, Џом Дуч е категоричен: „Г-динот Талер, поднесе оставка изутринава, тој нема да биде повеќе известувач. Во секој случај станува збор за само тројца европратеници меѓу 736, тоа нема да има влијание врз работата на ЕП“.

Потпретседателката на ЕП уште вчера даде овластувања да се поведе истрага за корупцискиот скандал во ЕП.

Претседателот на групата на социјалистите Мартин Шулц, во комуникето за печатот даде до знаење, дека нема да биде толерирано ваквото однесување на европратниците, ако тоа се покаже вистинито, посебно според него е „неморално и не се совпаѓа со правилата на нашата група, па дури и ако тоа е легално“.

Во соопштението за печатот, Зоран Талер наведува дека оставката треба да овозоможи „да се испитаат сите факти и околности во обидот за компромитирање на неговото име“.

„Во согласност со моите етички стандарди, би сакал вистината да излезе на виделина и да се докаже кој работел легално, а кој илегално“, истакнува Талер во кусото соопштение.

Неговиот заменик како известувач за Македонија во ЕП, ќе треба да биде назначен од страна на Комисијата за надворешни работи на ЕП и најверојатно идниот известувач ќе биде од редовите на групата на социјалистите. Засега извештајот за Македонија останува на дневниот ред на ЕП.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска