1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талер од Македонија бара прагматичност

16 април 2010

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Зоран Талер од македонските политичари бара прагматичност и проактивност во прашањето за името со Грција, како и „паметни решенија за неверојатниот спор“.

https://p.dw.com/p/My3h
Фотографија: Petr Stojanovski

„Вие сте Македонци и ќе останете тоа и да се измисли вештачко ново име. Вие сте она што чувствувате дека сте. Вие сте во право, а ние во Брисел го знаеме тоа. Ова е шизофренична ситуација што треба да се реши преку политичарите. За жал оној што е внатре во Европската унија има повеќе право“, порача словенечкиот европратеник Зоран Талер на предавањето на тема: „Македонската интеграција во ЕУ и прашањето за името“, одржана во рамките на 13-ти Денови на образованието и кариера, во Скопје.

Тој, сепак, вели дека е неопходен компромис за името за деблокирање на евроинтерацијата за Македонија, бидејќи, како што нагласи, таа ја трпи цената.

„Можеби оние политичари кои ќе се решат да најдат решение и кога тоа ќе се донесе првично ќе бидат наречени предавници, но од мојот случај во донесувањето компромисно решение со постарите членки на ЕУ кое и‘ овозможи на Словенија да влезе во Унијата, можам да ви кажам дека тоа траеше само шест месеци“, порача Талер.

За него многу позитивно е што новиот еврокомесар за проширување Штефан Филе активно се вклучува во надминувањето на проблемот со името.

Во решавањето на спорот за името да се вклучат и големите земји

Европратеникот бара покрај медијаторот Нимиц во надминувањето на проблемот со името меѓу Македонија и Грција да се вклучат и Париз и Берлин и заедно со Вашингтон да го кажат својот збор за случајот.

„ЕУ треба да и‘ пренесе порака на Грција - ние сме солидарни со вас, но очекуваме и вие да бидете солидарни со нас, бидејќи проширувањето со Балканот е клучно за стабилноста на Европа“, рече Талер.

Во врска со препораките упатени од словенечкиот европратеник и известувач за Македонија Зоран Талер за проактивна улога и прагматизам кај македонската страна и потребат од развивање нова култура на разбирање и емпатија меѓу Грците и Македонците, македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски рече дека е полесно кога човек со искуство дава такви препораки.

„Ги ценам неговите препораки. Би било можеби полесно човек со такво искуство да даде една таква препорака“, истакна Милошоски.

Автор: ЕМФ/БГ/миа/макфакс