1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талер за ДВ: Блокада е опасна

10 февруари 2011

Нацрт-резолуцијата на словенечкиот европратеник Зоран Талер, посветена на напредокот на Република Македонија, денеска (10.02.2011) е на дневен ред на состанокот на Комисијата за надворешни работи на ЕП.

https://p.dw.com/p/QzZh
Зоран ТалерФотографија: Petr Stojanovski

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Зоран Талер, за предложената резолуција вели дека треба да се внимава со нејзиното толкување.

„Клучната порака од нацрт-резолуцијата е дека Македонија треба да започне преговори за полноправно членство. Тоа останува како што беше и во резолуцијата од минатата година. На ниво на Европската Унија знаеме дека две институции Европскиот парламент и Комисија го застапуваат овај став. Ова е еден вид притисок врз Советот на ЕУ да донесе конечно таква одлука. Знаеме дека таа одлука е блокирана од немањето решение за името со соседна Грција.“

Резолуцијата има за цел да предупреди и на недостатоците

Од друга страна, како што вели Зоран Талер, смислата на овие годишни резолуции е да предупреди на оние точки кои се релевантни за европската перспективи на државите-кандидати, во случајов Македонија. Околу 25 точки од предложената резолуција се однесуваат на системот и подсистемите на државата, со кои се предупредува на напредокот и на недостатоците.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

„Сето ова со желба на владата, на парламентот и на останатите институции во Македонија да им се помогне да ги отстранат евентуалните недостатоци и се развиваат во насока на европската интерграција“, додава Талер.

Најнови „загрижувачки“ случувања во Македонија

Откако беше завршена нацрт-резолуцијата во Македонија дојде до медиумските случувања со А1 телевизија и пред се’ бојкотот на парламентот од страна на опозицијата.

„Равојот на настаните во текот на последните недели е загрижувачки. Тоа значи дека се оди во негативен тренд кога станува збор за политичкиот дијалог и медиумските слободи во земјата, независноста на судството и неселективноста на одредени мерки од официјалните институции кон граѓаните и посебно медиумите“, нагласува известувачот за Македонија.

Тој притоа вели дека не само тој, туку и многу негови колеги ги следат случувањата во Македонија и најверојатно за нив ќе се дискутира на состанокот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Талер, заедно со неговиот германски колега Јорго Шацимаркакис пред неколку дена предупредија дека Македонија се наоѓа на еден вид „крстопат“.

Mazedonien EU-Parlamentarier Jorgo Chatzimarkakis Skopje
Јорго Шацимаркакис, европратеникФотографија: Petr Stojanovski

Надеж дека Македонија ќе го избере проевропскиот, демократски пат

„И сите се надеваме дека таа ќе го избере проевропскиот и продемократскиот и плуралистички пат, но тоа пред се’ зависи од самите Македонци и нивните претставници. Од надвор многу малку може да се влијае на ова“, дополнува словенечкиот европратеник.

На различните толкувања во Македонија на неговите изјави и на изјавите на другите европратеници и европски претставници во однос на Македонија, Зоран Талер вели:

„Еден од поголемите проблеми на современа Македонија е што има голем број на новинари и уредници, кои сакаат да играат некој вид на политичка игра и се согласуваат да бидат гласноговорници на една или друга политичка опција. Затоа резолуцијата повикува на развој и основање на понезависни и попрофесионални здруженија на новинари, во кои би се развила културата на почитување на професионалните стандарди. Од друга страна, во играта на црно-белото претставување на ситуацијата, надворешните претставници како европратениците се ставаат во опозиција или во една или друга политичка линија, што е бесмислено.“

Mazedonien Presse TV Sender TV A1 in Skopje
Причина за загриженост: случајот А1 телевизијаФотографија: Petr Stojanovski

Во Европскиот парламент ќе биде обезбедено мнозинство за Македонија

Во однос на резултатот од дебатата во Европскиот парламент во однос на Македонија, Талер е сигурен дека ќе биде обезбедено големо мнозинство „кое ќе бара Македонија да започне преговори и да оствари напредок кон членството, колку што е можно побрзо. Веднаш! Но, развојот на ситуацијата во последниве дванаесет месеци им даде многу материјал на ние кои сметаа дека земјата не е способна за тоа. Ако пред една година најголемиот проблем беше спорот за името со Грција, сега Македонија се соочува со проблеми на внатрешен план.“

Најголемата опасност за земјата е одолговлекувањето на блокадата

Околу опасностите за дестабилизација на Македонија, европратеникот Зоран Талер со голема претпазливост оценува:

„Мислам дека Македонија е стабилна и демократска земји и дека нема непосредна опасност. Најголема опасност е блокадата во која работите не се движат, тогаш се појавуваат сите можни фрустрации. Ако тоа продолжи, откако пред нешто повеќе од една година беше забележана можноста за напредок во надминувањето на блокадата, тогаш мислам дека постои реална опасност дека работите нема да бидат толку мирни и предвидливи како што беа досега.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Горан Чутаноски