1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талат Џафери меѓу напад и одбрана

2 март 2013

Во Скопје се слушаат експлозии на шок- бомби, воздухот мириса на солзавец, а аналитичарите уверуваат дека, сепак, нема да има опасност од нови тензии во меѓуетничките односи.

https://p.dw.com/p/17pIh
Фотографија: Petr Stojanovski

Протести и контрапротести со сериозни инциденти два дена го тресат главниот град на Македонија, како реакција на именувањето на Талат Џафери за министер за одбрана. Повредените полицајци, оштетените две полициски возила, запалениот градски автобус и огромната материјална штета врз општествен и приватен имот, не се единствениот црн биланс од протестите кои беа најавени како мирни, а завршија со ангажирање на сериозна бројка полицајци и специјалци кои се обидуваат да спречат ескалација на насилството. И покрај тоа што групата од 3.000 лица учесници во протестот е разбиена, продолжуваат судирите меѓу помали групи и полицијата во околината на Бит- пазар и низ други делови од општината Чаир. Улиците се празни, локалното население избегнува да излегува надвор. Итната собраниска седница која беше закажана во 16 часот беше одложена за еден час по барање на пратеникот на ДПА, Имер Салиу, со образложение дека инцидентите во главниот град се поважни од измените во Изборниот законик.

Mazedonien gewaltsamer Protest albanische Minderheit Polizei
Фотографија: Petr Stojanovski

Нема опасност за меѓуетничките односи

Во Скопје се слушаат експлозии на шок- бомби, воздухот мириса на солзавец, а аналитичарите уверуваат дека, сепак, нема да има опасност од нови тензии во меѓуетничките односи. Универзитетскиот професор Стево Пендаровски е сигурен дека овие инциденти нема да предизвикаат посериозна политичка или безбедносна дестабилизација, затоа што граѓаните веќе ги имаат апсолвирано дилемите кои се актуелизираат на протестите.

„Дилемата дали припадник на паравоена структура може да биде дел од политичката и безбедносна структура на државата, беше тешка и сериозна, но во 2004 година, кога Талат Џафери беше предложен за заменик- министер за одбрана. Девет години подоцна, тоа ниту е дилема, ниту го има истиот политички набој“, вели Пендаровски.

Според него, станува збор за рефлексија на 2001 година и за фрустрација на дел од општеството кое се уште не се помирило со Рамковниот договор, односно се работи за учесници во конфликтот од двете страни, чиј статус до денес не е решен. 

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи оцени дека дивеењето на насилнички групи е резултат на негативната кампања зад која деновиве застанале одредени политички структури. Тој ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации и да се свртат кон новата реалност создадена по 2001 година.

Арсим Зеколи, аналитичар и поранешен мекедонски дипломат во ОБСЕ, Виена, вели дека токму партиите на власт манипулираат со насилството во прикриена или отворена форма. 

„Веќе неколку дена млади Албанци се напаѓаат низ Скопје среде бел ден и за тоа немаше никаква реакција во јавноста, не само од македонските партии, туку ни од ДУИ. Денешните протести не се во одбрана на Талат Џафери, туку јасна и гласна порака дека на народот му е преку глава од политиката на ДУИ и нејзините дволични претставници, кои во трка за лично богатење ги имаат оставено Албанците на милост и немилост на политиката и криминалот. Затоа, овие протести треба да се сфатат како последен повик за освестување на албанските политички претставници“ - вели Зеколи.

Talat Dzaferi Abgeordneter im mazedonischen Parlament
Македонскиот министер за одбрана Талат ЏафериФотографија: DW

Хипокризија кон Џафери

Лидерот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, пред неколку дена почна постапка за собирање 150.000 потписи за да се распише референдум за смена на новоименуваниот министер за одбрана, Талат Џафери. Вчера попладнето протести против именувањето на Џафери за министер за одбрана започна извесно Здружение на бранители на суверенитетот на Република Македонија - 2001 година, кои завршија со инцидент во кој имаше повредени полицајци и граѓани, искршени возила, а центарот на Скопје неколку часа беше блокиран.

Според аналитичарите, денешните контрапротести во одбрана на Талат Џафери, се последица на претходните протести и инциденти во кои се нападнати млади Албанци.

„Со сите резерви кон Талат Џафери и неговите наводни 'командантски' заслуги од 2001 година и мотивите тој да биде прифатен како министер за одбрана од премиерот Груевски, навистина е крајна хипокризија што Стојанче Ангелов, па и добар дел од македонската опозиција со таква жестина реагираат против неговото именување. Премолчуваат дека тој веќе беше заменик- министер за одбрана во владата на СДСМ, сакајќи да остават впечаток дека тие се против Талат Џафери, но немаат ништо против врховниот командант на ОНА, Али Ахмети“, потенцира Зеколи.

Доцна попладнево тече акција на разбивање на помалите групи низ Чаир. Според првичните сознанија, во протести има најмалку 15 повредени од кои повеќето се полицајци. Неофицијално, приведени се и најмалку 15 учесници во протестот, но таа бројка не е конечна. Одредени делови од градот ноќва ќе останат под засилено присуството и бројност на полициските единици.