1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Така го прават тоа Швајцарците

Андреас Бекер/сн31 мај 2016

Железничкиот тунел низ Готхард е најдолг во светот. Швајцарците при неговата изградба ги испочитуваа роковите, а трошоците само за малку ги надминаа предвидените. Kако е тоа изводливо, се прашуваат многумина во Германија

https://p.dw.com/p/1IxCa
Фотографија: picture alliance/KEYSTONE

Железничкиот тунел Готхард во Швајцарија е навистина проект на рекорди: долг е 57 километри. Низ планинскиот масив Готхард во Алпите се продупчени вкупно 151 километар тунели, две одвоени цевки за железнички пруги како и попречни и безбедносни тунели. Тунелот е најнизок во светот, бидејќи се наоѓа и до 2.300 метри под планина. Изградбата траеше 17 години. А посебно е импресивно тоа што роковите се испочитувани и оти трошоците не експлодираа, како што често се случува кај големите проекти.

„Тоа е импресивен успех“, вели за ДВ Бент Флајвбјерг, раководител на катедрата за менаџмент на големи проекти на Саид Бизнис Скул Универзитетот во Оксфорд. „Слични проекти го пробија рокот и до 23 насто, а тука работата е готова дури и малку пред рокот.“ Всушност отворањето беше планирано за 2017. година.

И трошоците се многу блиску до предвидените. Изградбата вкупно чинеше 12 милијарди швајцарски франци (10,9 милијарди евра), што е 20 проценти повеќе од планираното. „Трошоците пораснаа потпросечно, иако должината на тунелот е поголема, а планираното време за изградба подолго отколку кај слични проекти“, вели Флајвбјерг. Кај слични проекти трошоците излегоа поголеми, во просек за 34 отсто, заклучи тој откога ја погледна својата датотека. „А тоа е само просек. Бројни проекти на крајот чинат многу повеќе.“

FOED_Schweiz Tunnel
Фотографија: DW

Обично се пробиваат и роковите и трошоците

Флајвбјерг и неговите соработници собраа податоци за над 6.000 големи проекти, од кои некои имаат вредност во милијарди и чија изградба трае повеќе години. „Ова е најголема датотека од тој вид, таа опфаќа над 100 земји на 6 континенти“, вели овој научник. Неговото истражување покажува дека во 90 насто случаи не се почитуваат роковите и не се проценуваат добро трошоците.

Промашувањата, значи, се вообичаени, а не исклучок. Најчесто уште кај планирањето се имаат премногу оптимистички претпоставки, а тука потоа се виновни и мотивите. За некој проект да има изгледи за спроведување ,тој мора добро да изгледа на хартија, вели Флајвбјерг. „Притоа, трошоците се прикажуваат помали, да изгледа поповолно. Времето на изградба се калкулира пократко, да изгледа побрзо. А ползата се преценува да изгледа попрофитабилно. Така се зголемуваат шансите.“

Така, често се одобруваат проекти кои не можат да ги исполнат зацртаните цели. Флајвбјерг тоа го нарекува „преживување на најприлагодливите“.

Schweiz Gotthard Basistunnel
Фотографија: picture-alliance/Keystone/M. Ruetschi

Како слетување на Месечината

Но, дури и добро планираните проекти можат да излезат поскапи. Така беше и со швајцарската изградба на тунелот. „Во 2007. година, кога Швајцарците веќе многу знаеја за техничките потешкотии на изградбата, мудро молчеа“, вели Џобст Фидлер од приватното училиште Hertie School of Governance во Берлин. „Тие тогаш уште направија и проценка за ризик и потоа ја зголемија границата на вкупни трошоци. И се придржуваа до неа во наредните 9 години.“

Тоа беше мудар менаџмент на очекувањата во однос кон јавноста која, секако, не сака да слушне дека нејзините даночни пари се расфрлаат, вели Фидлер. Тунелот Готхард е дел од поголем проект со уште неколу тунели, а вкупните трошоци се проценуваат на 24 милијарди швајцарски франци. Тоа е околу 3,6 проценти од швајцарскиот годишен БДП. За Швајцарија тоа е поголема ставка во буџетот отколку што за САД тоа беше програмата Аполо - за слетување на месечината.

Hertie School of Governance во соработка со ОЕЦД истражуваше како 36 земји ги планираат инфраструктурните проекти и како управуваат со нивната изградба. Швајцарија во сите категории беше на некое од првите места. „Таа е за 11 до 15 места пред Германија“, вели Фидлер.

Schweiz Gotthard Basistunnel
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Huwyler/AlpTransit Gotthard

Успесите го јакнат угледот на земјата

Во Германија, покрај бирократските пречки, стручњаците пред сѐ ги критикуваат „недостатокот на сеопфатен процес на планирање“, „недостатокот на надзор од страна на независни органи“, како и „слабата координација меѓу централните и регионалните актери“.

Тоа особено беше видливо при изградбата на берлинскиот аеродром БЕР. Трошоците се двојно зголемени. Траењето на изградбата е трикратно продолжено. А проектот сѐ уште не е готов. Во Швајцарија веројатно такво нешто не би се случило.

Берлинскиот аеродром во меѓувреме е предмет за потсмев во целиот свет, вели Флајвбјерг од универзитетот во Оксфорд. Лоши примери во Германија се уште и зградата на филхармонијата во Хамбург, главната железничка станица во Штутгарт, системот за наплата на патарини, кои ги пробија и роковите за изградба и границите на вкупните трошоци. „Ако вакви случаи се повторуваат ,тоа ѝ наштетува на целата земја“, вели Флајвбјерг.