1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Таен договор против здравиот разум

Керстен Книп/сн9 мај 2016

Со договорот Сајкс-Пико, Британците и Французите пред 100 години исцртаа нови граници на Блискиот Исток, без право на соодлучување на погодените. Последиците се чувствуваат до денес: кризи, конфликти и теории на заговор

https://p.dw.com/p/1IkEJ
Фотографија: picture-alliance/CPA Media

Багерот енергично се пробива низ ѕидот. Наскоро откриената траса ќе биде доволно широка, за да може да пропушта возила. Џипови и камиони се придвижуваат. Контроли тука, на ирачко-сириската граница повеќе нема. Граничарите се мртви. Ги застрелаа борците на терористичката организација Исламска држава (ИД). Границата повеќе не постои. Пораката на видеото за пробивот на границата поставено на интернет во јуни 2014 година гласи: Ирак и Сирија престана да егзистираат како држави.

Во нивната себепрезентација џихадистите му ставија крај на понижувачкото туторство на Блискиот Исток од страна на западниот империјализам, Речиси 100 години границата меѓу Сирија и Ирак опстојуваше. Таа беше последица на тајна спогодба, склучена во мај 1916 година од страна на британскиот дипломат Марк Сајкс и неговиот француски колега Франсоа Жорж- Пико. „Крај на Сајкс-Пико“ го нарекоа пропагандистите на ИД и нивното видео.

Договорот Сајкс-Пико- анти-арапски заговор на Европејците? Не е мал бројот на Арапите кои така гледаат на тоа. Германскиот политиколог од сириско потекло Басам Тиби за ДВ се присетува колку интензивно во младите години се занимавал со овој договор. „Во секое оделение, сѐ до матурата занимавањето со Сајк-Пико и со лузните кои ги остави договорот, беше составен дел од наставната програма. Лузните ги чувствуваат не само Сиријците туку и сите Арапи“.

Поделба на Блискиот Исток

Со договорот Сајкс -Пико , Французите и Англичаните среде Првата Светска Војна во очекување на нивната победа си разделија меѓусебе големи делови од Османлиското царство- без воопшто да ги прашаат за тоа луѓето кои живеат таму. Французите требаше да воспостават контрола врз регионот, кој се протега од југоистокот на денешна Турција преку северен Иран и Сирија сѐ до Либан. Британците наспроти тоа требаа да владејат со регионот, кој го опфаќа јужен и среден Ирак. Земјата која се наоѓа измеѓу- а на неа денес се наоѓаат Сирија и Јордан, западен Ирак како и североисточниот дел на Арапскиот полуостров- требаше да стане арапско кралство под британско-француски мандат.

Sykes-Picot Abkommen Mark Sykes und François Georges-Picot
Марк Сајкс и Франсоа Жорж- ПикоФотографија: picture-alliance/CPA Media

Меѓутоа во оваа приказна и Германците одиграа помалку славна улога. Тие сакаа да ги ослабат нивните непријатели во Првата Светска Војна преку војна и на Блискиот Исток: Германците беа сојузници со Отоманската империја. Заедно со калифот од Истанбул- највисокиот религиски авторитет на сунитите во тоа време- ги повикаа Арапите на џихад, односно „света војна“ против Британците.

Тие пак од другастрана склучија сојуз со шерифот Хисеин бин Али. Како чувар на светите места во Мека и во Медина во денешна Саудиска Арабија тој беше вториот по значење религиозен авторитет по калифот од Истанбул.

Во октомври 1915 година Хенри Мекмахон, високиот комесар на Велика Британија во Египет му даде примамлива понуда на шериф Хусеин: ако Арапите ги поддржат Британците, тие за возврат ќе му помогнат на шерифот, да основа сопствено кралство. „Велика Британија е подготвена да ја признае независноста на Арапите во рамките на границите кои ги предлага шерифот Хусеин бин Али“

„Зад арапската фасада“

Сојузот беше склучен. Водач на Арапите е синот на шерифот, Фајсал бин Хусеин. Заедно со британскиот агент Томас Едвард Лоренс познат како Лоренс од Арабија тој навистина ги потисна Османлиите.

По крајот на Првата Светска Војна за новиот поредок се преговараше на Мировната конференција во Париз. Фајсал се залогаше за потребите на Арапите. „ Убеден сум“ , рече тој, „дека големите сили благосостојбата на арапското население, ќе ја стават над сопствените материјални интереси“.

Historische Karte Sykes-Picot Abkommen
Оригиналната карта на договорот Сајкс-ПикоФотографија: picture-alliance/CPA Media

Меѓутоа Фајсал се излажа: Франција и Велика Британија останааа на веќе договорената поделба на регионот. Арапски држави додуша треба да има- но под нивно влијание. Мора да станува збор за тоа, објасни тогашниот британски министер за надворешни работи Џорџ Лор Карзон ,економските интереси на Велика Британија да се затскријат зад „арапска фасада“, „владеена и управувана под британско водство, контролирана од роден мохамеданец и , ако е возможно, арапски тим“.

Нерешени конфликти

Значењето на договорите постигнати на Париската конференција речиси и да не можат да се преценат. Како нивна последица настануваат две нови држави: Сирија и Ирак. Во 1922 година, покрај тоа, потврдено е раѓањето на уште една држава: Либан.

Во наредната година, 1923, Велика Британија го издвои Трансјордан од Палестина и со тоа ги постави основите за денешната држава Јордан. Уште на крајот на 19 век Британците го ставија малиот емират Кувајт под своја заштита. По Првата светска војна го прогласија за самостоен.

Во краен резултат, новиот поредок создаде сцена за една серија на војни и конфликти која не е запрена до денес. Конечно фаталната американска инвазија на Ирак во 2003 година по која следуваше целосно потфрлање во менаџирањето на повоената состојба доведе до создавање на нови фронтови по религиозна должина, од кои настана и терористичката организација Исламска држава. Таа бргу ја прескокна границата и премина во од граѓанската војна расцепената Сирија. Иако актуелниот развој на настаните не е неминовно последица на новата поделба на Блискиот Исток од 20-те години на минатиот век, сепак во тие години се поставани темелите за регионалниот поредок кој нуди плодна почва за тензии, востанија и војни.