1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тадиќ нема да го трампа Косово за ЕУ

26 август 2011

Во најдиректната порака досега, српскиот претседател Борис Тадиќ отворено соопшти дека кандидатурата на неговата земја за членство во ЕУ е доведена под прашање, поради проблемот со Косово.

https://p.dw.com/p/12OEz
Србија нема да се откаже од своите легитимни барања, вели ТадиќФотографија: dapd

Србија нема да прифати да ги укине своите институции на северот на Косово, дури и ако тоа значење недобивање на кандидатски статус за членство во ЕУ. Српскиот претседател Борис Тадиќ изјави дека неговата земја нема да се откаже од кандидатурата за членство во ЕУ, но и нема да прифати укинување на нејзините институции на Косово, барање кое деновиве во Белград директно го испорача германската канцеларка Ангела Меркел.

„Србија нема да ги напушти своите сонародници на Косово... Доколку од Србија се бара да избере, мојот одговор е дека Србија нема да се откаже од своите легитимни барања“, рече Тадиќ.

Тој го оцени барањето за укинување на институциите, како училиштата и болниците на северот на Косово, како „неприродно и неприфатливо“.

До неодамна, главен предуслов за српската кандидатура во ЕУ беше апсењето и екстрадицијата на поранешниот командант на армијата на босанските Срби, Ратко Младиќ. Но, откако тој беше испорачан, неколку земји-членки на ЕУ побараа од Белград да се откаже и од своите барања на Косово.

Српската опозиција, предводена од националистите, денеска (26.08) побара предвремени избори во земјата, оценувајќи дека политиката на Тадиќ за приближување кон ЕУ доживеала дебакл.

Неколку српски политички аналитичари за агенцијата Бета оценуваат дека односите меѓу Србија и ЕУ, но и односите меѓу Србија и Германија по посетата на германската канцеларка на Белград, „се вратени неколку години назад“.

Автор: БГ/ап/бета

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска