1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекалницата Западен Балкан

Барбара Везел/Ж.А.27 јануари 2016

Реката бегалци непрекинато тече од југ кон север, од Грција, преку Македонија, , Србија и крајно Германија. Но, работите почнуваат да се менуваат, се појавуваат се‘ побројни пречки на овој пат. Репортажа од Табановце.

https://p.dw.com/p/1Hkar
Фотографија: DW/B. Wesel

„Македонија не може да биде тампон-зона или надворешна граница на ЕУ, тоа би била голема грешка“, вели Јасмин Реџепи од хуманитарната организација „Легис“ во Скопје. Тоа би било можно само ако земјата биде примена во НАТО и во ЕУ. Освен тоа, додава, во земјата постои голема нетрпеливост кон странците: „Кога бегалците навистина би требало да останат овде во кампови, брзо би дошло до немили сцени како и порано, пред нивниот транспорт да биде добро организиран.“

Македонската влада, додуша, не е баш против таа идеја, но според Реџепи, тоа е погрешна стратегија: „Не можеме од лакомост по пари или поради желба за приближување кон ЕУ, да преземеме задача која всушност би требало да ја извршува Грција. Грција е надворешна граница на ЕУ, а не Македонија.“

А штафетната трка преку Балканската рута уште функционира, онака како што е од есеноска.

Оградата се подига

Во понеделникот кај Идомени во Грција една мала група Сиријци ја премина границата со Македонија по еден ден чекање. Самир од Алепо и неговите сопатници имаа среќа: пред викендот, Македонија привремено ја затвори граничната ограда, зашто Австрија најави воведување горна граница за бројот бегалци. Во Гевгелија, со унгарска помош, веќе се подигнати неколку километри ограда на границата кон Грција, а границата би требало полека сосем да се затвори.

А тогаш погранични единици од држави- членки на ЕУ би можеле да дојдат и да оневозможат бегалците да ја напуштаат Грција, барем така замислија министрите за внатрешни работи на ЕУ. Делегација од Брисел во моментов е во Скопје, но не сака да дава интервјуа за разговорите со македонската влада. Досега на границата со Грција помагаа унгарски војници.

На Балканската рута досега беше во ред

Самир од Алепо и неговите пријатели успеаја да поминат, постапката беше рутинска: ги покажаа своите документи од Грција, влегоа во еден воз и поминаа низ Македонија. Четири часа подоцна стигнаа во транзитниот камп Табановце на границата со Србија. Транзитот преку Балкан продолжува и натаму. На организираниот „илегален граничен премин“ во Србија еден помагач изброја околу 1200 новодојденци, прогнозирајќи дека до вечерта ќе бидат две илјади.

УНЦХР во текот на есента го опреми кампот со големи шатори во кои има греење и монтираше блок тоалети и пултови за издавање храна. На бегалците преку ноќ им е топло, има вреќи за спиење, ќебиња, па и резервни чевли и топли јакни. Помагачите се грижат за жените и децата.

Табановце е полно со деца: изгледа дека од завојуваните подрачја во Сирија и Ирак моментно доаѓаат само семејства. Двегодишни деца тапкаат покрај мајките кои ги држат за рака, еден татко клечи на перонот со своето бебе од четири недели, завиткано во ќебе. Вакви слики има на сите страни. Сите поголеми деца мора сами да поминат два километри ничија земја до контролниот пункт на српската граница. Одвреме навреме некое дете заплакува, но најголем дел од малечките стоички газат по калта.

„Не знаеме ништо за политичкиот спор“

Самир за настаните во Келн во текот на новогодишната ноќ дознал од интернет. Но, не знае ништо за плановите на ЕУ околу евентуално затворање на границите. „Ако некои бегалци направиле нешто лошо, треба да ги избркаат, но зошто сите да бидат казнети?“ прашува тој, додавајќи дека како што чул, сторителите биле Мароканци, а не Сиријци.

Самир не може да замисли да остане во транзитниот камп во Македонија ако Балканската рута биде затворена. „Овде за нас нема ништо“. Тој сака да отиде во Германија, како и останатите кои се наоѓаат на перонот во Табановце. Кога не‘ чуја нас новинарите како разговараме на германски, повикаа „Алеманија, Алеманија“!

И Самир имал драматично искуство. Кога преминувал од Турција во Грција, го видел тонењето на гумен чамец и давењето на 20 бегалци. „Тонеше многу полека, околу 20 минути а никој од крајбрежната стража не беше во близина за да помогне. Тоа беше најлошиот дел од патувањето, подоцна беше подобро.“ Меѓу луѓето во возот има многумина Сиријци и Курди, но и припадници на други народи: „Има и некои кои купиле лажни документи. Не знам од каде се, полицијата некои ги открива, некои - не.“ Никакво чудо, контролите овде се површни, полицајците не можат да препознаат фалсификувани документи.

Последна станица за Либијците (и многу други)

Во еден ќош седат две момчиња од Либија. За Билал и неговиот пријател Суфијан ова е последна станица на патувањето. Кога пред два месеца го напуштиле Тобрук, не знаеле дека Македонија ќе дозволува премин само за Сиријците, Ирачаните и Авганистанците. Преку грчката граница ги префрлиле шверцери. Сега двајцата се депримирани, зашто со недели безделничат овде: „Не знаеме каде да отидеме“. Минатата ноќ еден Либиец се обидел да се пробие низ шумата до српската граница. „Но, полицијата го уапси“, вели Билал, додавајќи дека овде има многу полиција, а преку „зелената граница“ можеби би можело да се помине, но многу подалеку од местото каде се наоѓаме. Притоа, таму земјиштето е прилично непроодно, а тие двајцата веќе немаат пари. Во шаторите на УНЦХР барем им е топло и имаат да јадат. Овие двајца Либијци се во прилично безизлезна ситуација, ако не успеат да најдат пари за да платат криумчари, ќе останат овде, во Македонија, на ничија земја.