1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ помалку време за Грција

Бернд Ригерт/сн6 јули 2015

„Ципрас е на потег. Тој навистина победи, ама е и под притисок, бидејќи вети дека ќе постигне договор со земјите во еврозоната“, вели во интервју за ДВ Јанис Еманулидис од бриселскиот „Центар за европски политики“.

https://p.dw.com/p/1FtGN
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

ДВ: Дали сте изненадени со ваквиот убедлив исход на референдумот?

Јанис Еманулидис: Вчера и завчера можев да претпоставам дека Грците ќе бидат против, но секако дека разликата беше неочекувана. Прашање е што зборува ова НЕ? Мислам дека би требало да се чуваме од погрешни интерпретации. Тоа не е НЕ за еврозоната, ниту за ЕУ. Околу 80 проценти од Грците се за останување во монетарната унија. Овој процент дури и се зголеми по распишувањето на референдумот.

Што треба сега да преземе еврозоната: да попушти или да ги задржи добро познатите услови?

Мислам дека за поранешните услови веќе не може да се зборува. Економската ситуација во Грција значително се влоши. Втората програма за помош заврши. ММФ - кој по желба на европските партнери е на преговарачката маса - вели оти нешто мора да се стори по прашање на долговите. Значи, мора да се преговара за нешто сосема поинакво. Важно е да се разговара, но поаѓам од тоа дека европските партнери нема да попуштат. Ципрас е на потег. Тој навистина победи, ама е и под притисок, бидејќи вети дека ќе постигне договор со земјите во еврозоната.

Janis A. Emmanouilidis
Јанис ЕманулидисФотографија: DW

Велите дека е потребен нов пакет, но преговорите за таков вид помош траат долго бидејќи е потребно одобрување од мнозинството парламенти во еврозоната. Има ли Грција толку време?

Време има се’ помалку. Наредниот важен термин е 20. јули ,кога треба да се врати рата на Европската Централна Банка. Треба брзо да се седне на маса и да се бара компромис. Ако тоа пропадне, се поставува прашањето за политички консеквенци во Грција. Веројатно во наредните денови ќе се случат уште некои работи кој во моментов не можеме да ги предвидиме.

Какви се последиците за еврозоната ако нема договор? Има ли воопшто последици или едноставно остатокот од монетарната унија ќе продолжи без Грција?

Не верувам дека е толку едноставно. Нема лесни одговори. Непосредните последици за земјите од еврозоната се непремостливи. Но, покрај финансиска штета би се поставило прашањето дали сценариото „Грекзит“- ако до него навистина дојде - би можело да се повтори со некоја друга земја? Не смееме да заборавиме дека значителното влошување на економската ситуација во Грција би донесло и политичка нестабилност. Веќе гледаме дека општеството е поделено. Нестабилна Грција во трусната Југоисточна Европа не смее да биде во интерес на никого.

Јанис Еманулидис е директор за политички студии во ремомираниот тинк-тенк „European Policy Center“. На денот на рефенрендумот се наоѓаше во Атина.