1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стручњакот за маркетинг Мартина Кипхарт од Хатинген

14 октомври 2010

Работата во маркетинг-браншата значи малку слободно време, многу насмевки и добар однос со луѓето. Мартина Кипхарт има 36 години и работи како стручњак за маркетинг во Есен.

https://p.dw.com/p/PBjX

Култното кафуле „Фитес“ во Хатинген, кај Есен, е втората дневна соба на Мартина. Во изминатите 20 години таму има изградено широк круг пријатели. „Првпат бев овде на 15-годишна возраст, пиев какао со шлаг, седев во аголот и бев многу горда што смеев да бидам овде“, вели Кипхарт за најомилениот локал во стариот дел на Хатинген. „Тогаш дојде денот кога мајка ми ми рече дека доколку сакам да купувам повеќе брендирана облека, морам да одам да работам.“

Така ја добила својата прва работа во „Фитес“. Во меѓувреме е успешна советничка за реклами. Сепак, и натаму оди таму неколкупати во неделата за да разговара со различни луѓе. Таму, на шанкот, адвокат стои покрај одгледувач на коњи, а невработен покрај графичарка. Мартина Кипхарт таму оди со задоволство за да разговара за нешта што не се поврзани со нејзината работа. Притоа пуши цигара, пие пиво, или мешавина од сок од јаболка и минерална вода.

MaKiF2
„Главната“ дневна соба на Мартина е едноставна, светла и модерно наместенаФотографија: Kate Bowen

Клучот од втората дневна соба“

Како постојан гостин, поранешна келнерка и добра пријателка на сопственикот на кафулето, Мартина Кипхарт ужива одредени привилегии. Така, на пример, има свој клуч од кафулето. Тоа не е практично само за неа, туку и за сопственикот Фите. „Ако го загуби неговиот клуч, тогаш може да побара од мене да го пуштам“, вели Кипхарт со насмевка. „Убаво е чувството да се знае дека за мојата 'дневна соба’ имам сопствен клуч.“

За разлика од темните килими и дрвени тавани во „Фитес“, „главната“ дневна соба на Мартина е едноставна, светла и модерно наместена. Ни за едната, ниту за другата „соба“ нема доволно време, бидејќи нејзината работа во Агенцијата за реклами во Есен и‘ одзема многу време. Таму крајот на работното време е луксуз и дефинитивно не е нешто што се подразбира.

MaKiA3
Мартина и натаму оди неколкупати во неделата во нејзиното омилено кафулеФотографија: Kate Bowen

Клиентите на Кипхарт се од ралзичен профил, како во „Фитес“- од фудбалскиот клуб од Бундес-лигата „Шалке 04“, преку енергетски снабдувачи, се‘ до туристичката бранша.

Многу зборува, ама молам, без глупости!

Деловно, како и приватно, Мартина Кипхарт комуницира со задоволство и многу. Но, тоа што го кажува е со содржина. „Имам едно основно правило - кога ќе кажам нешто, луѓето можат во тоа да веруваат и врз тоа се потпрат“, вели Кипхарт за себе. „Токму во мојава работа, кога ќе им ветам нешто на клиентите, тогаш и се придржувам кон тоа.“ Нејзината совесност ја смета за типично германска доблест.

Доблестите на Мартина Кипхарт на крајот го увериле и нејзиниот шеф Хуберт Клавес. На почетокот, кога кај него била уште на пробна работа, тој за нејзе мислел дека „работи многу напорно“. Денес Кипхарт е раководителка на тим. Таа секогаш делува заземено. Клавес вели: „По пробното време разговаравме заедно. Тоа беше многу конструктивно. Таа навистина се конфронтираше со темите и тоа остана во моето сеќавање.“

„Пред се‘, немирен тип“

Мартина Кипхарт себеси се опишува како „многу немирен тип“. Нејзините музички наклоности тоа многу добро го отсликуваат. Таа слуша музика од Моцарт до Мерилин Менсон. „Кога возам до работа слушам малку поагресивна музика за да се разбудам“, раскажува Кипхарт, „а кога се враќам дома, тогаш може да слушам и балади.“

Дали потоа ќе оди кај нејзиниот пријател во заедничкиот стан или кај Фите, во „втората дневна соба“, одлучува спонтано.

Автор: Кејт Бовен / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска