1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струга: Со збор во промена на светот

Милчо Јованоски29 август 2015

Струшките вечери се во знакот на традицијата и тенденциите да се следи модерниот тренд во поезијата. Во фокусот се „поетите на егзилот“ - добитникот на „Златниот венец“ Беи Дао од Кина и сириско-либанскиот поет Адонис.

https://p.dw.com/p/1GNk3
Фотографија: Fotolia/air

Струга и Македонија девет дена ќе се неприкосновена територија на поезијата. На еден дел од земјата по трансферзалата југ-север се движат илјадници бегалици раселени од своите домови на пат кон Запад, а крај реката Црн Дрим се случува 54-то издание на фестивалот, со вечна надеж дека поетите можат и со збор да го променат светот. Дека нештата се повторуваат сведочи и незаборавната „Т’га за југ“ на Константин Миладинов. Стиховите како да е само ехо на се’ она што било и она што пак се случува.

Сите поетски фестивали се со сличен концептот, ама ја немаат магијата на Струга

Во холот на хотелот „Дрим“, каде се мешаат јазиците и желбите за добредојде, не‘ пречекува претседателот на Управниот одбор на СВП, поетот Славе Ѓорѓо Димоски и ни вели: „Речиси сите светски фестивали го применуваат нашиот модел, ама ја немаат магијата на ’Мостови’ на истекот на реката Црн Дрим, која го прави повеличествен и побожествен. Годинашниот лауреат во светски рамки е име кое значи, тој е симбиоза на кинеската поетска традиција и на она што е европска или американска поетска традиција.“

Беи Дао, „поетот во егзил“, јубилејниот добитник на „Златниот венец“, пред 12 години учествувал на СВП. „Чувството на среќа претставува еден вид слабост на човекот кога ќе добие ваква престижна награда. Не верував дека ќе го добијам „Златниот венец“, што ми претставува посебна чест. Признанието претставува врска меѓу поетот и неговото творештво“, рече Дао.

Bei Dao
Беи Дао на прес-конференција во СтругаФотографија: DW/M. Jovanoski

„Сите современи класици на 20. и почетокот на 21. век биле на таа листа за наградата која секогаш била доделувана за врвни естетски и уметнички достигнувања. Други вонлитерарни и политички влијанија или критериуми не доаѓале предвид, затоа е толку големо реномето на награда во меѓународни рамки“, вели Мите Стефоски, директор на СВП.

Адонис: Револуциите не донесоа ништо ново и поубаво за Арапскиот свет

На официјалното отворање на фестивалот, во чест на 50-годишниот јубилеј, во име на сите досегашни добитници на наградата „Златен венец“, во посланието познатиот Адонис потсети: „Поезијата ги разнишува стереотипите и значи вечно движење кон откривање на креативната енергија на светот.“

Ali Ahmad Said
АдонисФотографија: DW/M. Jovanoski

Но, поетот кој и сам бил принуден да замине во егзил поради слободоумниот израз, од Сирија преку Либан низ светот, следниот ден се осврна на бегалската криза, која се протега од неговата родна земја и земјите околу неа. „Формирањето на Исламска држава е неприродно. Во мојот арапски свет се случија револуции.Тие не донесоа ништо позитивно, туку еден тиранин заменија со друг, пострашен“, рече Адонис. Според него, природата за уништување на другиот спроти тебе, е во генот на човекот. САД и Европа со децении претходно сакаа да ги освојат земјите од арапскиот свет. Тие заеднички треба да ја споделат вината за ова што сега се случува, рече Адонис за време на неговиот поетски портрет.

Фестивалот е симбиоза меѓу традиционалното и новите поетски форми

Меѓу два настани од набиената агенда на годинашните Струшки вечери го наоѓаме поетот Разме Кумбароски. Тој цел работен век беше секретар и едно време директор на овој меѓународен фестивал. „СВП за мене и за сите во Струга претставуваат висока духовна имагинација. Во овие 54 години се спојуваат највисоко до ѕвездите и небото убавината и светлината. Живеев, работев, творев и ги водев СВП и на тоа сум горд. Плејадата автори од светот беа и се скромни, наспроти поетската големина. Тие на Струга ‘и ја оставија љубовта и почитта кон ова наше парче земја и по некој стих запишан во времето“, рече тој за ДВ.

Се чувствува намерата на организаторот ова издание на СВП да има поинаква реформатирана концепција, со нови поетски читања, содржини и пристапи. Со цел поезијата да е блиска до граѓаните. Се’ започна со работилницата „Како настанува книгата“ наменета за деца, продолжи со саемот на книгата и Неделата на поетски и документарни филмови посветени на поезијата. Во овој проект како партнер и помагач е вклучена екипа од фестивалот на поетски филмови „Зебра“ од Берлин. Директорот на фестивалот д-р Томас Волфарт за ДВ рече: „Поетскиот филм е стар, колку и самиот филм. Поетските филмови можат да бидат многу повеќе од обична илустрација на песна. Тоа е нов начин на презентација на зборот, интересно за публиката и за оние кои го прават филмот. Оваа новина, гледам привлекува интерес и во Струга. Лани во Берлин добивме преку 1000 филмови од над 70 земји, меѓу нив беше и Македонија. Тоа кажува дека овој жанр е брзо растечки“.

Thomas Wohlfahrt
Томас ВолфартФотографија: DW/M. Jovanoski

Покрај традиционалните „Поетски меридијани“ се одржа „Ноќата без интерпункција“, годинава со видео омаж во сеќавање на прерано починатиот поет Игор Исаковски. Фестивалот ги донесува „Поетските портрети“, „Поезијата на пат“ во Охрид, Битола, Ресен и Скопје и симпозиумот на тема „Изгубено/најдено во преводот“, како и поетскиот маркет – средба на издавачи, агенти и професионални посетители. Беше претставена современата мексиканска поезија, како и младата поетеса Паула Бозалонго, добитничка на наградата „Мостови на Струга“ што ја доделуваат СВП и УНЕСКО. Знакот на подмладување и свежа енергија беше видлив и преку поетското читање на учесниците во поетската платформа „Версополис“, која во себе го носи европскиот предзнак.

Во декември „Зимски поетски фестивал“

Денеска, сабота, ќе биде соопштен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2015 година, а вечерва во црквата „Св.Софија“ во Охрид ќе се одржи „Поетскиот портрет“ на венценосецот Дао. Врачувањето на овие престижни награди е утревечер на манифестацијата „Мостови“. Фестивалот завршува в понеделник, а покрај домашни. на него учествуваат и 44 поети од 29 земји, меѓу кои Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија, САД, Либан, Мексико, Молдавија...

Организаторите на СВП веќе го најавуваат „Зимскиот поетски фестивал“, кој треба да се одржи од 1 до 6 декември и ќе е комплементарен дел на летниот. Ќе бидат претставени четворица врвни светски поети преку нов начин и формат на поетски читања, подинамично, посовремено и пред стручна публика.