1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Стрес-тестот“ ги стресе европските банки

16 јули 2011

Осум од деведесет тестирани банки во 21 европска земја не го поминаа тестот, чија цел беше да утврди дали институтите се подготвени да пребродат уште една финансиска криза. Шеснаесет банки, пак, беа на работ.

https://p.dw.com/p/11wY5
Фотографија: picture alliance/dpa

Европската служба за надзор на банките вчера во Лондон соопшти дека осумте банки, кои не го поминаа тестот, треба да го зголемат својот капитал за уште најмалку 2.5 милијарди евра, со цел да ја зајакнат својата позиција и да ги исполнат условите за преживување на уште една рецесија. Критична е состојбата со уште шеснаесет други финансиски институти, кои го поминаа тестот, но со слаби резултати.

Во симулацијата на финансиска катастрофа беа вклучени деведесет банки од вкупно 21 земја, што претставува 65 насто од вкупниот банкарски сектор во Европа. Од осумте банки што „паднаа“, пет се од Шпанија, две од Грција и една од Австрија. Проблематичен е случајот со банката „Хелаба“ од Германија, чии менаџери ги оспорија резултатите од тестот и побараа тие да не се објавуваат. Останатите дванаесет банки од Германија го поминаа тестот, но сепак во случај на рецесија и финансиска криза, нема да имаат голем простор за маневрирање.

Банките кои не поминаа

Мигел Фернандес Ордоњес, гувернер на Банката на Шпанија, каде е забележан најголем број на слаби банки, изјави дека таквите резултати биле очекувани и дека петте финансиски институи кои не го поминаа тестот, сепак, нема да мораат да го зголемуваат капиталот, бидејќи банкарскиот сектор на Шпанија во моментов и онака минува низ реорганизација.

„Стрес-тестот“, дизајниран за враќање на довербата на инвеститорите во европскиот банкарски сектор, не го поминаа и втората по големина грчка банка „ЕФГ Еуробанк“, како и „АТЕБанк“. Тие ветија дека ќе сторат се` за да го зголемат својот капитал. „АТЕБанк“, всушност, ги постигна најлошите резултати на тестот.

NO FLASH Banken Stresstest Skyline Frankfurt am Main
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од австриската „Фолксбанк“, која исто така не ги исполни условите за преживување на фиктивната рецесија, велат дека не се задоволни од резултатите и дека би го поминале тестот, доколку предвид биле земени актуелните напори за зголемување на капиталот.

Во Ирска, која беше силно погодена од финансиската криза и мораше да побара помош од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), трите најголеми банки покажаа добри резултати, откако беа реструктуирани пред неколку месеци.

MMФ бара преземање соодветни мерки

ММФ ги повика европските земји да ги преземат „сите неопходни чекори“ со цел да се зајакнат банките, кои „паднаа“ на тестот, но и оние кои го поминаа со преодна оценка. Фондот предупреди да не се одолговлекува реструктуирањето на европскиот банкарски систем и нагласи дека опасноста од ширење на грчката должничка криза врз другите, поголеми европски земји како Шпанија и Италија, се` уште е „многу голема.“

Освен тоа, ММФ ја пофали Европската служба за надзор на банките за успешно спроведениот тест. Резултатите од претходниот „стрес-тест“, спроведен во 2010 година, за многумина беа неверодостојни, критикувајќи дека критериумите не биле доволно строги.

Автор: ТТ/ЕМФ/ап, афп, дпа, ројтерс

Редактор: Е.М.Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема